Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во интервју за „Фајненшел тајмс“ (ФТ) изјави дека Европска Унија го потцениla влијанието на Кина на Балканот и изрази загриженост поради кредитите што балканските земји ги земаат од Пекинг. Тој додаде дека некои балкански држави земаат големи кредити од Кина за инфраструктурни проекти со што се зголемува ризикот од долгорочна штета по нивните слаби економии.
Кина никогаш не води сметка за тоа дали земјата е способна да ги плати своите заеми. И ако не може да плати постои одреден притисок проектите да се префрлат во нивна сопственост, посочи Хан.
Тој додаде дека Европејците можеби не се најбрзи, можеби бараат повеќе од другите, но на крај тие се „најфер партнери“.
Хан во интервјуто за ФТ навестува загриженост дека влијанието на Пекинг би можело да стане дополнителен извор на нестабилност.
– Можеби ја преценивме Русија и ја потценивме Кина, а на двете треба да им дадеме соодветно место, посочи Хан.
ФТ наведува дека Кина во последно време значително инвестира на Балканот, кој е е дел од така наречениот формат „16 плус 1“ во кој се вклучени 11 земји членки на ЕУ и пет држави кои не се членки – Северна Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Србија.
Според податоци на Центарот за стратешки меѓународни студии повеќе од половина од 9,4 милијарди долари вложени во 16 земји во 2016 и 2017 година биле наменети за земји што не се членки на Унијата.
Хан наведе дека Чешка и Полска станале внимателни кон кинеските инвестиции по обвиненијата на САД за шпионирање од страна на кинеската компанија „Хуавеј“, но оти балканските земји се привлечени од заеми и инвестиции за инфраструктурни проекти кои се доделуваат со помал надзор.
Хан осврнувајќи се на политиката на Балканот наведе дека се надева оти неодамнешниот договор помеѓу Грција и Северна Македонија за името „ќе има домино ефект во регионот“.