Гужви во дежурниот педијатриски пункт во Бит пазар
Неделни гужви во дежурниот педијатриски пунк во поликлиниката Бит пазар. Дел биле препратени од Клиника за детски болести поради полесна клиничка слика а други директно побарале лекарска помош кај дежурниот педијатар. Од Ѓорче, Аеродром, Сарај и Центар – пациенти од сите страни на градот а висока температура и кашлица биле најчестите маки на децата.
-Зависно од возраста и од клиничката слика, по проценка на итност освен класичен педијатриски преглед, сепак ги препраќаме на клиниката за детски болести. Ако станува за мало бебе од еден месец каде што може за 24 часа да има пормена на клиничката слика се препраќа за дополнителна контрола на клиника, вели д-р Ана Алексовска Бошковска, педијатар во дежурниот педијатриски пункт.
Преглед од педијатар, крвна слика и по потреба инхалациона и ампуларна терапија е она што го добиваат болните деца во дежурниот пункт. Гужви има, а како што велат лекарите тоа е согласно моменталната состојба со грипот и останатите вирусни инфекции.
-Препорачуваме контрола во секое време ако има влошување на состојбата, и секако, контролата да продолжи кај матичниот и тој да е запознаен со клиничката слика на детето, вели д-р Бошковска.
Дека децата овој период се на удар на вирусите покажува и последниот неделен извештај за состојбата на грип каде повеќе од 1000 од регистрираните се деца до 14 годишна возраст. Полни се и амбулантите и болничките одделенија во Козле и на Детска каде имаат и по 200 прегледи во едно деноноќие.
Инаку во педијатрискиот пункт работат педијатри од Здравствен дом Скопје и работат секој ден во ноќните часови и 24 часа во недела.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар