Македонија
4. November 2016 - 14:20

Груевски: Инвестиции за подобрување на третманот на кадриоваскуларните болести

Комплетно реновирање и адаптација на објектот на Универзитетската клиника за кардиологија, формирање на Национален центар за кардиоваскуларни заболувања и реконструкција и изградба на здравствени капацитети, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Претставувајќи нов сет мерки за унапредување на третманот на кардиоваскуларните заболувања, Груевски рече дека во изминатиот период се реализирани крупни проекти со што државата сериозно се доближила до врвните европски и светски стандарди во третманот на кардиоваскуларните заболувања.

За реновирањето на објектот на Универзитетската клиника за кардиологија ќе бидат инвестирани околу 180 милиони денари, а реконструкцијата се планира да почне од 2019 година. 

- Ова е многу значајна инвестиција, имајќи предвид дека постојниот објект на Клиниката е стар околу 40-тина години и ова ќе биде прв поголем градежен зафат на оваа клиника. Ќе се изврши комплетно обновување на инфраструктурата и ентериерот на објектот, опфаќајќи ги одделот за интензивна нега, стационарот, и други содржини, со цел овозможување посовремени услови за третман на овие пациенти. Со комплетното реновирање на објектот ќе се овозможи и унапредување на функционалноста на лифтовите, енергетската ефикасност, затоплувањето, вентилацијата, водоводот, канализацијата, противпожарната заштита, а ќе бидат комплетно обновени и прозорците, вратите, подовите, плафоните, ѕидовите и покривите на објектот, рече Груевски.

Тој најави и инвестиција од околу два милиони евра за хибридна сала која ќе функционира во рамки на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. 

Во делот на превентивната здравствена заштита за кардиоваскуларните заболувања, се предвидува формирање на Национален центар за кардиоваскуларни заболувања кој ќе функционира како координативно тело кое ќе предлага креирање на политики во овој сегмент.

Осврнувајќи се на досегашните реконструкции на здравствените установи, Груевски за следниот период најави комплетна реконструкција на Градската општа болница „8-ми Септември“ за што ќе бидат инвестирани 260.000.000 денари, проширување и унапредување на условите за третман на пациентите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија за што ќе бидат потрошени 20 милиони денари, како и комплетно реновирање на објектот на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби за што ќе бидат инвестирани 200 милиони денари само за градежните работи. 

Покрај инвестициите во Скопје, се планира и внатрешно реновирање на објектот на Клиничката болница во Битола, инвестиција вредна над 10 милиони евра, реконструкција на објектот на Психијатриската болница во Демир Хисар, инвестиција од 24,6 милиони денари, како и реализација на втората фаза од целосната реконструкција и адаптација на објектот на Општа болница Кичево, инвестиција од 130 милиони денари.