Македонија
1. September 2022 - 16:32

Груби: Се преговара со пратеници од опозицијата за уставни измени - ВМРО-ДПМНЕ: Ако се сигурни веднаш да закажат седница

Првиот вицепремиер е оптимист за уставните измани. Ваквиот став Груби вели дека го темели на разговори со опозициски пратеници кои му влеваат надеж дека ќе дадат поддршка за внасување на Бугарите во македонскиот устав. 

Реалноста е дека македонскиот јазик е официјален, ќе биде официјален во ЕУ, договорот со ФРОНТЕКС ќе се потпише на македонски и нашите секојдневни контакти со опозициски пратеници ни влеваат оптимизам дека тие ќе го поддржат тоа и гледаме веќе развивање на едно проевропско крило и во опозицијата што ме радува многу затоа што имаме потреба од опозиција која што е евроатлантски ориентирана посебно во овие предизвикувачки времиња за државата, истакна вицепремиерот Груби. 

ВМРО-ДПМНЕ ги негира ваквите тврдења и останува на ставот дека во овие околности ниту еден опозициски пратеник нема да поддржи уставни измени.

Тоа е лага на Груби. Ако имаат пратеници, што веќе се докажа дека немаат, следната недела нека ја стават оваа точка на дневен ред. Во спротивно веднаш Ковачевски да си поднесе оставка.

Прашањето за уставни измени не е прашање дали сме ЗА или ПРОТИВ Европска Унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во опозициската партија и натаму траат консултациите од кои зависи процедурата преку која ќе се организира референдум во однос на преговарачката рамка и протоколот со Бугарија.

Според власта пак потреба за референдумско изјаснување нема.