Македонија
15. November 2017 - 14:25

Груби очекува законот за јазици да биде донесен до крајот на годинава

Седницата Комисијата за европски прашања на која ќе се разгедуваат амандманите за Предлог-законот за употреба на јазиците ќе биде најверојатно закажана на 22 ноември, на Денот на албанската азбука, изјави денеска претседателот на Комисијата и пратеник од ДУИ Артан Груби. 

Груби го поздрави денешното гласање за потребата од носење на законот за употреба на јазиците изразувајќи надеж дека расправата на Комисијата за европски прашања ќе помине во најдобар ред и дека законот ќе биде усвоен оваа година и ќе се постигне јазична еднаквост во Република Македонија помеѓу македонскиот и албанскиот јазик во сите органи на државната управа. 

- Сакам да искажам разочарување од гласањето на ВМРО-ДПМНЕ во врска со потребата за усвојување на закон за јазикот, и се надевам дека пратениците на опозицијата ќе рефлектираат во меѓувреме така како што рефлектираа и граѓаните на изборите на 15 и на 29 октомври и дека ќе ја променат својата одлука во врска со ова прашање и ќе гласаат за усвојување на законот за јазиците и нема да бидат против, изјави Груби. 
 
Опозцијата најави дека ќе поднесе многу амандмани за овој закон, но Груби, како што кажа, во моментот не ја гледа потребата за ДУИ да поднесе амадмани.
 
- Законот за употреба на јазиците е производ на многу долги преговори помеѓу СДСМ и ДУИ и сметаме дека како политички договор би требало да помине затоа што во никој случај не се коси со Уставот на Република Македонија. Спорните прашања што ги имаше во законот веќе ги доставивме до Венецијанската комисија што се однесува до банкнотите униформита на војската и и затоа во тој поглед не гледам некоја потреба за амандманска интервенција во законот, рече Груби. 
 
Пратеникот на ДУИ смета дека со овој закон се заокружува нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор, додека за целосна еднаквост на македонскиот и албанскиот јазик е потребна уставна интервенција која што во моментов, како што кажа, „не можеме да ја реализираме“. 
 
Груби одговарајќи на новинарско прашање во врска со новите членови на Владата рече дека дали ќе има реконструкција на владата ќе одлучат премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, коалициски партнери во Владата. - Но едно нешто треба да е јасно реформите нема да бидат закочени по ниту еден основ, рече Груби. 
 
За тоа дали ќе гласаат за кандидатите на Алијансата на Албанците, пратеникот рече дека има голема загриженост во ДУИ и кај Албанците заради неоснованите обвинувања од страна на лидерот на оваа партија за Ахмети за настаните на 27 април. Груби кажа дека сметаат дека Села треба да ги повлече или да се извини за тие обвинувања.