Македонија
28. March 2022 - 12:40

Груби – Гарсија: Шпанија го поддржува европскиот пат на Северна Македонија

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска имаше средба со амбасадорот на Кралството Шпанија Хозе Луис Лозано Гарсија.

На средбата Груби и Гарсија оценија дека пријателството и билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Шпанија се на високо ниво и дека пријателството треба дополнително да се продлабочува во сите области, соопшти кабинетот на првиот вицепремиер.

Неодамнешните политички случувања во земјата и регионот, како и конфликтот меѓу Руската Федерација и Украина исто така беа дел од разговорот меѓу Груби и Гарсија, при што беше констатирано дека Република Северна Македонија е на иста линија со демократскиот свет осудувајќи ја руската агресија.

Стана збор и за процесот на имплементација на Охридскиот Рамковен Договор – нормативниот дел, почитувањето на човековите права и слободи, а се разговараше и за процесот на пописот на население кој заврши минатата година и дека се очекува резултатите да бидат објавени за неколку дена.

Груби го информираше шпанскиот амбасадор за новата динамика на разговорите за решавање на спорот со Република Бугарија, воспоставувањето дијалог и акцискиот план на работните групи, при што беше констатирано дека поддршката на Шпанија во процесот за интеграција во ЕУ не треба да запре, туку да продолжи во духот на разбирањето.

Груби, исто така, побара Европската Унија да биде поприсутна во Југоисточна Европа и да ја конкретизира својата политика за проширување и безбедност со итно започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.