Македонија
27. December 2023 - 13:57

Грковска: Мора да создадеме правни предуслови за тука да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави

Владата треба да создаде правни предуслови за тука, во земјава, во рамки на македонскиот правосуден систем, да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави, порача денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.  

На брифинг со новинарите, сумирајќи го сработеното во годината што изминува, Грковска информираше и дека во однос на Етичкиот кодекс, досега се изречени писмени опомени за 12 функционери, избрани и именувани, за различни прашања. Кај некои функционери, напомена, Кодексот нема никаков ефект, а кај некои се забележуваат промени во однесувањето.

-Многу лоша порака е да се види дека лицата кои се ставени на црна листа во други држави, кај нас се однесуваат како ништо да не се случило. За тоа мора да има последици, во легална процедура, но тоа треба да е поттик и за истражните и за правосудните органи поефективно и поефикасно да ја вршат својата работа. Меѓународната поддршка е секогаш добредојдена, но задача на домашните институции е преку правниот систем целата процедура да има завршница и да се види дека има последици за оние што го прекршиле законот, истакна Грковска.

Таа потенцира дека медиумите, граѓанскиот сектор и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се клучните партнери кои треба да реагираат и да укажуваат на таквите однесувања.

-Секогаш сме постапувале спрема Кодексот непристрасно, независно за кого станува збор. Докажавме дека Етичкиот кодекс е форма на дополнителен притисок што треба да ги потсетува функционерите дека имаат дополнителна обврска да бидат пример како функцинер треба да се донесува, зашто примерите што ги даваат на секое ниво, се пример за останатите во општеството. Тој систем на етички и морални норми треба да фојде прво од врвот, за потоа да се применува во сите делови од општеството, рече Грковска.

На брифингот Грковска информираше и дека наскоро се очекува Министерството за информатичко општество и адмнинистрација (МИОА) да го предложи законот за архивско работење, чиј драфт е веќе изготвен. Со законот се предвидува целосно електронско функционирање на институциите во однос на документацијата и дигитално зачувување на материјалите. Допрва ќе треба, како што објасни Грковска, да се направи и т.н. владин „клауд“, како „бек-ап“ за сите дигитални документи кои ќе минуваат низ институциите.

-Со комплетното електронско функционирање на институциите ќе се елиминира можноста од манипулирање со бројчиња, со тоа дали некој документ е доставен, заверен или не. Институциите мора да им влеат доверба на граѓаните дека нема да бидат загрозени нивните податоци, ниту дека ќе биде доведен во прашање квалитетот на услугите, подвлече Грковска.