Македонија
15. јуни 2023 - 16:59

Грковска: Борбата против корупцијата мора да се одвива континуирано и со целосна посветеност

Борбата против корупцијата е сочинета од повеќе битки на повеќе полиња, кои мора да се одвиваат континуирано. За жал овој процес е долг, радикални промени преку ноќ не се можни. Но, изминативе години имаме голем напредок во транспарентноста и имаме поефикасен пристап до информациите од јавен карактер, што го стеснува просторот за коруптивно делување, порача денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Таа за време на сесијата „Искоренување на корупцијата преку политики за добро владеење и реформа на правосудството“ што се одржува во рамки на Преспа форумот во Струга, потенцираше дека борбата против корупцијата мора да се одвива континуирано и со целосна посветеност ако сакаме да видиме вистински исчекор и вистинска промена.

Според Грковска, не можеме да зборуваме за спречување на корупцијата доколку не работиме на транспарентноста, на отчетноста, на кохезивниот пристап во носењето на одлуки. Сето ова, како што појасни, се принципи кои се комплементарни и кои се насочени кон една цел - да изградиме здраво општество и стабилен систем кој ќе биде на услуга на граѓаните.

-Мене ме радува што носителите на одлуките, креаторите на политики, граѓанскиот сектор и медиумите се повеќе процесот на спречување на корупција го поврзуваат освен со реформи во правосудниот систем, и со доследно имплементирање на принципите на добро владеење, кои во основа значат јакнење на целиот систем во оваа насока. Во однос на транспарентноста, како една од најефективните алатки за спречување на корупцијата, изминативе години имаме голем напредок кој е нотиран и од домашните и од меѓународните организации, особено ако се спореди со период кој го карактеризираме како „заробена држава“, кога институциите беа затворени и под целосен диктат од една партија, рече Грковска.

Според вицепремиерката, тој што тврди дека ќе ја искорени корупцијата во општеството и дека ќе ја сведе на нула, е некој што не сака искрено да се занимава со борбата против корупцијата.

-Овој феномен може да се намали, може да се заузда преку систем во кој се зацврстува владеење на правото, може да се превенира со соодветни механизми, но за жал целосна елиминација на корупцијата во општестовото е утопија. Долгата транзиција, кризите, конфликтите, блокадите, во изминатите децении оставија длабоки рани во социјалното ткиво во нашата земја, појасни Грковска.

Таа потенцира дека ние не можеме да зборуваме за спречување на корупцијата, доколку не работиме на јакнење на интегритетот на промена на свеста кај секој од нас, почнувајќи од правосудниот систем, политичарите, администрацијата, па се до образованието и здравството. Грковска исто така е на ставот дека и жените и младите луѓе можат да бидат носители на промените.

Министерот без ресор од Црна Гора Зоран Миљанич за време на сесијата напомена дека корупцијата во полето на здравствената заштита, образованието, урбанизмот, е нешто со кое се соочува Црна Гора по промената на власта.

-Не беше лесно да почнеме да се бориме со корупцијата. Тргнавме во отворена борба против корупцијата која што донесе мерливи резултати. Мораме да докажеме дека корупцијата и криминалот не се исплатливи. Единствен начин да го постигнеме ова е да се покренуваат случаи, но и да се завршуваат случаите против носителите на високи функции, рече Миљанич.

Министерот за правда во Албанија, Улси Мања на сесијата потенцираше дека во Албанија денес голем дел од услугите кои ги нудат државните институции може да се добијат онлајн на нивните интернет страници, а исто така се работи на повеќе законски реформи во Собранието, со што смета дека Албанија е на вистинскиот пат во поглед на борбата против корупцијата.