Грипот и респираторниот синцицијален вирус ја наполнија клиниката “Козле” со болни деца
Вирусите го зголемија бројот на болни деца во Клиниката “Козле”. Поради грип или респираторен синцицијален вирус дневно во амбулантите имаат и по 200 прегледи, а 65 мали пациенти со компликации најчесто пневмонии и бронхити се хоспитализирани. Од установата велат дека 2 дечиња се на кислородна подршка, но се стабилни.
- Имаме деца кои пристапуваат со кашлица, покачена температура, малаксаност, кивавици, дел од тие деца имаат и долнореспираторни симптоми кои ако се од потежок карактер ги хоспитализираме, изјави д-р Олга Спасова, специјалист педијатар во Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Од Клиниката велат дека имаат деца на сите возрасти, но најчести пациенти се помалите од 5 години и доенчињата. Од “Козле“ препорачуваат родителите прво да ги однесат децата кај матичните педијатри, а доколку има потреба тие ќе ги пратат кај нив.
Доктор Спасова советува периодов децата да не се носат во затворени простории игротеки и молови каде има многу луѓе и да се почитуваат основните мерки за заштита од вируси и настинки.
- Да се почитуваат основните мерки за заштита од респираторни инфекции. Да се избегнуваат затворени простории, игротеки и слично, вели д-р Спасова.
Зголемен број на болни деца со респираторни или гастроентестинални симптоми има и на Детската Клиника и таму деновиве бележат по 200 амбулантски прегледи дневно.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар