Балкан
19. August 2019 - 11:46

Грчкиот митрополит Амвросиос, кој е осуден за говор на омраза, си поднесе оставка

Митрополитот Амвросиос (81), кој од 1978 година служеше во епархијата Калаврита, на југот на Грција, оставката ја објави во текот на неделната литургија.

Локален суд во јануари годинава го осуди на седум месеци условно заради говор на омраза бидејќи на блог во 2015 година пишувал за хомосексуалците, нарекувајќи ги  олош на општеството“ и луѓето ги повикал да плукаат  врз нив.

Американските медиуми пренесуваат дека тој ја поддржувал грчката екстремно десничарската партија „Златна зора“.

Во октомври 2017 година, на свештениците во неговата епархија им наложил секој ден, точно на пладне, во текот на цела недела, да удираат со камбаните три минути во знак на протест заради, како што навел, „антихристијанскиот и антигрчки “закон со кој на луѓето им се олеснува да го сменат полот.

А минатата година, за време на катастрофалниот пожар во близина на Атина, кажа дека е тоа божја казна за атеистот Алексис Ципрас, кој во тоа време беше грчки премиер.