Македонија
19. May 2020 - 21:56

Граѓанскиот суд ги отвори вратите за странки, Кривичен ќе суди само итни предмети до крајот на месецот

Граѓанскиот суд ги отвори вратите за странки. Судењата ќе се одржуваат со задолжително носење маски, одржување растојание, дезинфекција на раце при влез во судската зграда.

„Гледам сите што влегуваат внатре носат маска, растојание, држат дистанца. Со маски се сите горе, се држи растојание. Не работат сите судии, се одлагаат судењата за тие што не работат, тие што работат си судат“, велат странките кои денеска доаѓаат во судот.

Од судот велат дека освен предмети со времени мерки, сега ќе се одржуваат и останатите рочишта. Сепак до завршување на вонредната состојба, можно е некои судења да се одложат ако судијата или странки во постапката припаѓаат во ризична категорија како трудници и хронично болни.

„Ако судијата сам процени дека не се доведува во прашање ниту здравјето на судијата, здравјето на вработените ниту на странките може да одлучи да си го одржи тоа рочиште, сепак мора да се имаат предвид мерките на владата“, вели Илир Сулејмани, Претседател на Основен суд Скопје 2. 

Во меѓувреме, кривичниот суд најави дека до крајот на месецот ќе се одржуваат рочишта само за итни предмети.

„До завршување на вонредната состојба, во Основниот суд Скопје 1 ќе се судат само предмети во кои обвинети имаат мерка притвор и предмети поврзани со непочитување на полицискиот час или загрозување на здравјето на граѓаните“.