Македонија
18. March 2017 - 14:15

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска со активности во Охрид

Откажување од тиранската платформа од страна на сите политички чинители во земјата, барање да не се бира претседател на Собранието кој не се откажал од платформата, формирање македонска платформа што ќе биде во интерес на мултиетничка, заедничка Македонија како унитарна, а не двојазична и бинационална држава. Тоа се ултимативните барања што денеска од Охрид во име на граѓанската инцијатива „За заедничка Маккедонија“ ги посочи Богдан Илиески, еден од иницијаторите на движењето.

Тој рече дека активностите на движењето нема да застанат, дури и ќе се интензивираат во наредниот период.

- Вчера бевма на повеќе од 40 локации низ цела Македонија, со поддршка на иницијативата од над 150 илјади граѓани. Очекуваме тој број во иднина уште повеќе да се зголемува, рече Илиевски.

Горан Стојаноски, актер и директор на Народниот театар од Охрид, од своја страна повтори дека во основа нема дилема за тоа дали треба да продолжат спротивставувањата на какви било платформи однадвор.

- Сето ова мора да продолжи. Платформата мора да ја поддржи народот. Оваа платформа изготвена однадвор, според сите критериуми на фер-плеј, не важи, рече тој.

Елена Мисиркова, пијанист и културен амбасадор на Македонија во Австрија, истакна дека основната идеја што сака да ја пренесе е немешање на внатрешен или надворешен фактор во внатрешните работи на Република Македонија.

- Нашиот државотворен народ, македонски, решава што ќе се случува во нашата земја. Остануваме верни до крај на нашите постулати. Бројот на приврзаниците постојано расте што е доказ и патоказ дека сме на вистинскиот пат, рече таа.

Иницијатаивата „За заедничка Македонија“ ја поддржаа и дел од бродарите од Охрид, кои со своите бродови и кајчиња денеска испловија по Охридското Езеро.