Македонија
10. October 2021 - 16:30

Граѓаните се жалат дека со месеци чекаат ред за комисиите за нега од трето лице

Граѓани од Радовиш со месеци не можат да добијат термин кај комисијата за нега од трето лице. За разгледување на медицинската документација од надлежната комисија некои од нив чекале по три до четири месеци, а имало и такви кои терминот го чекале и повеќе од година. Се жалат дека се работи за пробел кој се повторува секоја година.

Од болницата во Струмица чија што  комисијата е надлежна и за регионот на Радовиш велат дека таа работи континуирано.  Во зависност од барањата се состанувала по два до три пати неделно, но потенцираат дека за термините е надлежно министерството.

Министерството за здравство со уверување дека проблемот се надминува. 

,,Министерството за здравство ги зголеми термините за разгледување на медицинската документација за секоја од стручните комисии од 200 на 280 барања месечно. Дополнително, за прв пат се формирани уште две нови Комисии за регионот на Прилеп и Гевгелија. Новите Комисии и зголемување на термините се со цел да бидат задоволени потребите на граѓаните. Оваа право е во корпусот на социјални права на МТСП, МЗ има надлежност во делот на користење услуги од Мој Термин, односно обезбедување на доволно термини што веќе е реализирано. ,, информираа од здравство

Во моментов заедно со ново формираните две,  во државата има вкупно 17 стручни комисии кои работат на разгледување на медицинска документација за нега од трето лице. Пет од нив  се на подрачјето на Скопје , а останатите 12 во клиничките и општи болници во другите градови.