Македонија
19. April 2016 - 18:12

Граѓаните се противат на демолирањето на спомениците и државните институции

Граѓаните најостро го осудуваат сквернавењето на спомениците од страна на хулиганите организирани од СДСМ, СОРОС и албанското движење БЕСА. Тие сметаат дека ваквите постапки со кои се уништуваат историски знаменитости се срамни и не доликуваат на едно демократско и цивилизирано општество.

Недоличното однесување на демонстрантите наиде на остра осуда и од историчарите. Според професорката Виолета Ачковска, Порта Македонија е споменик на сите македонски борби низ историјата и со нејзиното демолирање се уништува и македонската државност.

И членовите на здружението “Илинденски Марш” реагираа на уништувањето на македонското културно наследство.

На вандалското однесување на демонстрантите денеска реагираше и Министерството за култура на Македонија, врз чија што зграда вчера беа фрлани боја и јајца, и покрај тоа што објектот е прогласен за заштитен споменик и обележје на раната архитектура на дваесеттиот век во Скопје и Македонија.

Во вчерашниот напад на таканаречените „борци за демократија“ од Граѓанското здружение „Протестирам“ оштетена е и скулптурата на македонскиот уметник Сашо Саздовски, поставена на влезот во зградата на Министерството, а осквернавени се и знамињата на Република Македонија и на Европската унија. Се прашуваме, дали ваквиот насилен однос кон културните институции во земјава и кон културното наследство кое го поседуваме како држава е алтернативата која ја нуди Граѓанското здружение „Протестирам“ и СДСМ за иднината на Македонија, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Откако на патот на насилните демонстранти се најде и спомен обележјето изградено во чест на Мајка Тереза, со реакција денеска се јави и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.   

Во годината во која ја прогласуваме за светица нашата сограѓанка Мајка Тереза, во година во која прогласувањето на нејзината светост е и наша македонска светост, оваа година во која и државниот секретар на Ватикан Пјетро Паролин се поклони во нејзиот дом, во оваа јубилејна година бездушните се обидоа да ја сквернават и нејзината плоча, при тоа навредувајќи ги чувствата не само на католиците, туку и на сите почитувачи на ликот и делото на Мајка Тереза, стои во соопштението.

Инаку, откако претходните денови беа демолирани народните канцеларии на претседателот Ѓорѓе Иванов во Скопје и Тетово, беа искршени стаклата од Министерството за правда, инцидентите беа составен дел и од вчерашниот протест кој се одржа  во Скопје. Демонстрантите организирани од СДСМ и соросовите организации, кои вчера имаа поддршка и од членовите на албанското движење БЕСА, повторно со јајца, боја и графити ја сквернавеа Порта Македонија.

Откако се префрлија на плоштадот Македонија удрија со боја и по споменикот на најголемиот македонски војсководец и крал Александар III Македонски. Во фонтаната каде е и споменикот истураа кутии со прашок, детергенти и црвена боја, а лавовите ги бојадисаа со црвен спреј. Оттука заминаа пред Министерството за култура кое не беше обезбедено од полицијата по што удрија со камења, шишиња, боја и јаца и скршија неколку прозорци од зградата но оштетија и приватни автомобили.По кратко време пристигна специјалната единица на МВР да го обезбеди објектот, по што демонстрантите револтот го истурија и врз нив. Со боја и јајца удрија и по штитовите на полицијата и ги исвиркуваа полицајците. Преку дебар маалските улици меѓу кафеани демонстрантите стигнаа до пред Владата каде и заврши протестот. За вечерва се најавени нови протести.