Свет
9. March 2019 - 20:40

Градоначалникот на Фалсбург ја забрани употребата на лансерите на гумени топки против „жолтите елеци“

Според документ откриен од страна на регионалниот весник „Ле републикен Лоран“, градоначалникот на Фалсбург – град кој се наоѓа на седумдесетина километри западно од Стразбур, Дани Кошер, се потпира на барањето на ОН кои  „бараат истрага за употребата на прекумерна сила во полицијата во Франција”.

– Тоа е симболичен декрет, законски немам власт над жандармите”, објасни Дани Кошер, градоначалник без партиска припадност. „Но, како граѓанин и набљудувач, сметам дека реакциите на владата се непропорционален одговор наспроти демонстрантите”, рече градоначалникот на градчето кое брои 5000 жители.

Безбедносните сили истрелале 13000 одбранбени гумени куршуми во форма на топки од почетокот  на демонстрациите на „жолтите елеци” во ноември, објави денеска францускиот државен секретар за внатрешни работи. Лорен Нуњез, кој исто така рече дека во тек се 83 истраги поврзани со употребата на ова контроверзно оружје. Вкупно 2.200 демонстранти беа повредени во текот на сите досегашни демонстрации.

Во средата, Високиот комесар за човекови права  на ОН Мишел Башле повика на „темелна истрага” за полициското насилство кое е забележано во текот на  кризата со „жолтите елеци”.

– Ние не го чекавме Високиот комесар за  да ги разјасни сите факти кога има поплаки, рече премиерот Едуард Филип.

Слично барање упати и Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која побара суспендирање на употребата на ова оружје.

Околу 100 истраги се отворени во Франција од страна на ИГПН по извештаите за наводно полициско насилство. Од синдикатите и здруженијата беа преземени повеќе активности за да се изнуди суспензија на употребата на лансерите на гумени проектили. Но сето тоа беше залудно.