Македонија
20. April 2016 - 10:03

Гоув: По „брексит“, Велика Британија би била како БиХ, Србија и Албанија

Велика Британија ќе го напушти единствениот пазар на Европската унија и ќе им се приклучи на Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Украина во зоната за слободна трговија со ЕУ, доколку Британците на референдумот во јуни изберат излегување од Унијата, изјави британскиот министер за правда Мајкл Гоув.

Изнесувајќи ја својата визија за иднината, Гоув, кој е заговорник на „брексит“, денеска прв пат потврди дека приврзаниците на оваа опција не сакаат Велика Британија да остане дел од европскиот пазар од 500 милиони потрошувачи и дека наместо тоа земјата ќе склучи свој договор со ЕУ.

Тој појасни дека зоната за слободна трговија со ЕУ, со широк спектар на билатерални спогодби би била суштината на британскиот нов аранжман.

Гоув нагласи дека постои зона на слободна трговија, која се простира од Исланд до Турција со цел сите европски држави да имаат пристап до неа, без разлика дали се членки на еврозоната. 

- Откако ќе го изгласаме излегувањето од Унијата ќе останеме во таа зона. Претпоставката дека БиХ, Србија, Албанија и Украина ќе бидат дел од таа зона на слободна трговија, а Британија ќе остане надвор од неа само заедно со Белорусија, е веројатна колку и идејата Жан-Клод Јункер да стане член на УКИП, наведе тој.

УКИП е кратенка на десничарската Партија за независнот на Велика Британија, која е еден од главните заговорници на „Брексит“.

Соработниците на Гоув појаснуваат дека Велика Британија по излегувањето од ЕУ не би уплатувала во буџетот на ЕУ, не би прифаќала слободно движење на работната сила, ниту јурисдикацијата на Европскиот суд на правда, нешто што сега како членка на ЕУ и е обврска. 

Зоната на слободна трговија, како што опиша Гоув, има неколку форми. Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија се дел од спогодбата за слободна трговија, чии членки имаат различни нивоа на пристап до единствениот пазар. Норвешка на пример уплаќа во буџетот и прифаќа слобода на движење, додека Швајцарија нема пристап до единствениот пазар, но ја прифаќа слободата на движењето на луѓето.