Македонија
25. January 2022 - 16:37

Голем број лекари заразени со Ковид-19, се полнат болниците

Инфективна е полна со пациенти, но има недостаток од кадар. Во моментот дури 16 здравствени работници отсуствуваат поради Ковид-19 и од клиниката очекуваат помош од други установи.

Но според информации на Сител, поради вирусот и решенијата за изолација десеткуван е персоналот и во други болнички капацитети и фалат лекари, сестри и болничари. 

-Секако дека функционираме потешко отколку кога би биле сите на број. Меѓутоа знаете дека и изминатите две годсини персоналот на Инфективна не дозволил пациент да не биде згрижен и да не ја добие неопходната терапија, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиника за Инфективни болести.

Најголем број од хоспитализираните на Инфективна се на кислородна поддршка и циркулира и делта и омикрон сојот. Д-р. Стевановиќ вели дека не постојат посебни мерки или волшебно стапче со кое може да се спречи ширењето на вирусот туку сите да ги почитуваат постоечките мерки бидејќи новата мутација иако има полесна клиничка слика сепак ги полни болничките капацитети.

-Доминираат повозрасни пациенти со поголем број на коморбидитети поради што е неопходно да бидат хоспитализирани. Околу 10 проценти од хосдпитализираните се вакцинирани а реинфекции поминуваат низ амбулантите но се со полесна клиничка слика, вели Стевановиќ.

Здравствените власти ја скенираат состојбата со болнички капацитети а уште од минатата недела е дадена насока на здравствените установи да ги подготват ковид центрите.

Дека состојбата не се смирува покажува и последниот извештај на ИЈЗ според кој дури за 76 проценти е зголемен бројот на смртни случаи во споредба со претходниот период. За 25 проценти има и повеќе реинфекции односно за 7 дена 1559 лица по втор пат добиле ковид а 6 граѓани трет пат се заразиле со вирусот. Процентуално, зголемување на болни има кај деца од 0-9 години и кај постарите од 60.

Што се однесува до карантинот на позитивните асимптоматски случаи, Кризниот штаб ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести изолацијата да биде намалена од 10 на 7 дена. Останува мерката да помине и на владина седница.