Македонија
10. July 2017 - 8:51

Годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО - ДПМНЕ

Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ под мотото „Движиме“ синоќа во Античкиот театар во Охрид ја одржа 26. Годишна конференција.

Лидерот на партијата Никола Груевски пред присутните нагласи дека УМС е еден од клучните столбови на ВМРО - ДПМНЕ, а преку партијата низ годините и во државата. – Секогаш активна, храбра, подготвена, расадник на кадри, УМС низ годините само потврдуваше дека ВМРО – ДПМНЕ и Македонија имаат иднина, имаат сила, енергија, потенцијал и луѓе на кои во иднина државата и народот ќе може да се потпре, рече Груевски.

Тој додаде дека секогаш кога ВМРО – ДПМНЕ ја водела Македонија, илјадници млади докажале со труд, работа и резултати како се сака Македонија.

- Со неуморна работа рамо до рамо со повозрасните ја направивме Македонија петта најдобра држава во Европа и 10-та во светот по условите за правење бизнис, што ни помогна да привлечеме многу домашни и странски инвеститори да вложат во Македонија и да отворат нови работни места за илјадници млади луѓе. Во исклучително тешки околности, економски и политички кризи успеавме заедно со вас со заеднички труд да создадеме нови над 172.000 работни места, и исто толку луѓе и нивните фамилии да бидат задржани во Македонија, и да бидат посреќни и со подобра перспектива, истакна Груевски.

Дел од младите оцени дека не добиле шанса да се вклучат и допринесат, но, додаде, дека секој кој има желба и знаење и е подготвен за работа, ќе ја има таа можност, како што рече, по повторното враќање на ВМРО – ДПМНЕ на власт во Република Македонија кое ќе се случи брзо.

- Дотогаш, ќе ги зацврстиме и збиеме нашите редови, ќе се преброиме и прочистиме и ќе го изанализираме нашето работење и нашите пропусти и грешки, но и нашите добри политики и исправни одлуки кои треба да продолжат, ќе развиеме нови идеи и програми за развој на Македонија, ќе продолжиме да се бориме за Македонија и за подобар живот во неа и од сегашната позиција и повторно со победа ќе се вратиме на чело на државата и ќе ја предводиме Макеоднија напред, порача Груевски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ се осврна и на ветувањата на владејачката СДСМ за отворање на нови работни места, изградба на 500 километри автопати, департизација на администрацијата, повисоки плати на лекарите и просечна плата од 500 евра... Иако, според него, времето на владеење на СДСМ е само 40 дена, потсети на реализираните проекти во тој период кога ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт во 2006 година, меѓу кои ги спомена намалувањето на ДДВ-то за земјоделците, за јавен превоз, лекови..., воведување субвенции за земјоделците, рамен данок, најниски даноци во Европа, а потоа и во светот... Тој забележа дека во изминатите 40 дена политичките опоненти оствариле 80 средби со амбасадори, кои, како што оцени, не се лоша работа, но не може Владата да се сведе само на тоа.

- Почнаа да разрешуваат и назначуваат функционери, но наместо стручњаци и експерти како што ветуваа ред по ред партиски и некомпетентни кадри кои неможе ни аглиски да положат па бараат менување на Законот за партиски кадри да ги вработат или назначат без познавање на странски јазик. Ветуваа минимална плата од 16 илјади денари, сега ја сведоа на 12, но и тоа зголемување кое треба да го направат газдите на фирмите целосно ќе им се плаќа шест месеци од буџетот, а потоа уште шест месеци по половина пари од буџетот, со што само потврдуваат дека давале нереални ветувања, рече Груевски.

Потсети на проекти и законски решенија, со кои, како што рече, ВМРО - ДПМНЕ го подобруваа и олеснуваа животот на младите, меѓу кои ги спомена изградбата на патишта, водоводи, гасоводи, спортски сали, отворање нови универзитети и факултети, дисперзирани студии, стипендии за студирање во странство, намалување на партиципацијата од 1.200 евра на 100 и 200, односно 400 евра, субвенции и поддршка на младите земјоделци...

Во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, Груевски забележа дека власта не информирала ништо за што станува збор, како и за посетата на Грција, по која кажале дека земјата бара работи, кои не сакаат да ги соопштат пред граѓаните, а спорот за името дека ќе го решаваат по локалните избори.

Го спомена и пожарот во струшката депонија, како и заканите на пратеникот Зијадин Села дека ќе ја напушти Владата доколку не се донесе законот за јазици.

Забележа и за појавувањето на премиерот Зоран Заев на отворањето нови фабрики, кои според него, ги донела владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ. - Нема да се изненадам ако во вторник Заев се појави во Прилеп на камен темелник на нова фабрика од Германија за производство на производи за кујна, кафемати и слично, која само во првата фаза ќе отвори околу 1.000 нови работни места, а во следнитедве фази ќе стигне до 3.000 вработени, и која министерот од владата на ВМРО Бил Павлески ја донесе, и заедно со него ги убедувавме да инвестираат во Македонија, рече Груевски.

Планот на актуелната власт, нагласи дека е да се уништи ВМРО-ДПМНЕ, а, Заев да ги исполни ветените работи кон оние кои го донеселе за премиер на сметка на државните и националните интереси.

Најави победа на идните парламентарни избори со формирање Влада, а на политичките опоненти им порача да не си играат со трпението и волјата на народот, бидејќи, според него, ќе ги стигне казната од народот и пак ќе изгубат од ВМРО – ДПМНЕ.

- Во наредниот период ќе поработиме на развој на односите и соработка со пријателите на Република Македонија, пред се заради интересите на Македонија, средувањето на односите со поедини западни пријатели и уривање на стереотипите кои Албанците ги имаат за нас дека ние им сакаме лошо. Тоа не е вистина. А многу брзо ќе се покаже дека сме говореле исправно, истакна Груевски.

Пред присутните се обрати и претседателот на УМС Владимир Нелоски, кој истакна дека дека претстои период со многу предизвици во секој сегмент.