Бизнис
2. February 2016 - 17:54

Годинава 2,5 милиони евра субвенци за туроператорите кои носат странски туристи

Годинава ќе се инвестираат околу 2,5 милиони евра субвенции на турооператорите кои носат странски туристи во државата, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. 

- Кај некои држави веќе имаме зголемување од оваа година на субвенциите, кај 12 држави. А кај седум од нив зголемувањето е од 25 на 65 евра, а кај пет е од 25 на 35 евра, со тоа што следната година ќе имаме дополнително зголемување на 45 евра. Од почетокот на годината,  од јануари почна исплатата на субвенциите на турооператорите и таа се одвива во полн ек  и ќе продолжи до нејзиното завршување, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по работниот состанок на тема „Разгледување на мерките и инструментите од програмата за рурален развој“ што се одржа во Порта „Македонија“. 

Груевски рече дека во програмите за годинава, кои се усвоени уште на првата седница на Владата, во јанаури, предвидено е и во буџетот програмирани се 2,5 милиони евра за субвенции.

- Ова е едно од нештата кои помогна за зголемување на бројот на туристи. Од 2007 до 2014 година бројот на странски туристи се зголеми речиси за 100 отсто.  Само до ноември 2015 година имаме ново зголемување за 14 отсто на странските туристи во Македонија, рече Груевски.

Според него, тоа ќе биде уште позасилено во 2016 година. 

- Веќе голем број турооператори се запознаени со можностите, имаме повеќе искуства во нивното делување од минатите години и соработка со Република Македонија во тој дел. Стекната е и довербата и веќе се направани повеќе тури. Има и одговор од самите туристи дека се задоволни од она што го добиваат како услуга и бројот расте, нагласи Груевски. 

Тој очекува 2016 година да биде рекордна во однос на носење странски туристи во Македонија, со целосна поддршка од страна на државата во однос на планираните средства во буџетот.