Свет
4. November 2016 - 12:59

Германскиот Федерален суд против притвор за лажниот Сириец осомничен за тероризам

Германскиот Федерален кривичен суд (БГХ) одби да издаде налог за апсење на Ашраф Ал-Т., кој е осомничен за обид за извшрување терористички напад, јави дописникот на МИА од Берлин.

Азилантот беше уапсен во населбата Шенеберг во Берлин, но неговиот адвокат вели дека налогот за апсење на неговиот 27-годишен клиент бил отфрлен од страна на БГХ, објавија германските медиуми. 

- Федералното јавно обвинителство пред Судот презентираше само индикации кои не беа доволно силни за да го убедат судијата за потребата од притвор, изјави бранителот на Ашраф Ал- Т. за „Шпигел Онлајн“.

Германското Федерално јавно обвинителство денеска ги потврди наводите на адвокатот. Во недостиг на согласност од оваа судска инстнаца, правната основа за притворот е обезбедена со налог за апсење издаден од регионалниот суд во Карлсруе.

Причината за издавањето на налогот за притвор од регионалниот суд била пронајдена во фалсификуваните документи на оосмничениот, кој имал лажен сириски пасош.

Според германските безбедносни служби, тој бил член на групата Исламска држава и имал намера да изврши напади врз засега неименувани цели. Тој тврдел дека е бегалец и се претставувал под името Хасан. Според неговите соседи, тој бил резервирана, но учтива личност, која се облекувала во западна гардероба.

Заедно со него полицијата го приведе и германскиот државјанин Арне С., кој на азилантот му дозволил да живее во стан што тој го изнајмил. Ашраф Ал- Т. е роден во Тунис, а во Германија, каде се претставил како сириски бегалец, дошол лани.

Уапсен е откако во вторникот американските безбедносни служби ги информирале своите колеги во Германија дека Ашраф Ал- Т. разговарал со командант на ИД во Сирија, со кого договарал наредната недела да изврши напад со нож.

По апсењето, Ашраф Ал- Т. пред истражните органи ги нагираше плановите за избршување напади и се обидел да се убие во затворската ќелија, но бил спречен од страна на стражарите.