Свет
22. October 2021 - 8:32

Германската полиција изрази загриженост поради зголемениот број илегални мигранти од Белорусија

 Германската полиција е загрижена поради зголемениот број илегални мигранти од Белорусија кои влегуваат на германска територија преку германско-полската граница, јави ДПА.

Од почетокот на годината 3.478 илегални мигранти ја преминале германско-полската граница и влегле на територијата на покраината Бранденбург, Источна Германија, соопшти вчера федералната полиција.

Границата на Германија со Полска стана жариште во однос на илегалната миграција, соопшти полицијата, истакнувајќи дека во периодот од 1 до 20 октомври границата ја поминале 1.922 лица.

Како одговор на санкциите на ЕУ против Минск, белорускиот претседател Александар Лукашенко во мај изјави дека Белорусија повеќе нема да ги спречува илегалните мигранти од Ирак, Сирија и други земји кои транзитираат низ Белорусија на нивниот пат кон ЕУ. Оттогаш, има зголемен број на обиди за илегално преминување на границите на ЕУ со Белорусија, од кои една е границата на Белорусија со Полска.

Лидерите од Европската унија го обвинија Лукашенко дека организирал летови од земји како Ирак, кои потоа луѓето ги испраќаат да ги преминат границите на Белорусија со земјите од ЕУ, јави ДПА.