Македонија
23. October 2020 - 16:49

Георгиевски: Македонската „длабока држава“ работи против добрососедството со Бугарија

Обичните луѓе во Македонија, Бугарите ги чувствуваат за блиски но македонската „дип стејт“ е виновен што се гради омраза и непријателство кон Бугарија. Екс премиерот Љубчо Георгиевски најде виновник за проблемот кој се отвори во релациите меѓу Македонија и Бугарија.

Георгиевски кој истовремено поседува и бугарски пасош вели дека бугарското вето ќе нанесе голема штета на двете земји и ќе ги мобилизира просрпските структури во Македонија.
Шансата за вето од Бугарија не ја исклучува ниту европскиот печат. Францускиот весник „Ла Кроа“ повикувајќи се на дипломатски извори пишува дека Бугарија би можела да опстане на најавата за блокада иако не ја исклучува можноста целата ситуација да е само игра на блеф на бугарскиот премиер Борисов.
„Внатрешната бугарска политичка ситуација, со демонстрациите против корупцијата и наддавањето на националистичката партија ВМРО, член на владината коалиција, игра важна улога во оваа расправија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов би можел да истрае во неговото блокирање, но во тоа има елементи на блефирање, бидејќи тој не би добил многу со спротивставување на неговите европски партнери за отворање на пристапните преговори, кои во секој случај ќе траат десет години“, истакнува европскиот дипломат за весникот.

Проблемот на Бугарија со македонскиот јазик и идентитет ескалираше во пресрет на меѓувладината конференција која треба да го означи стартот на преговорите со Европската Унија и која македонската влада ја проектираше пред крајот на годината. Последен датум ќе биде Советот за општи работи по чија седница на 10 ноември во Брисел ќе се знае дали премиерите Заев и Борисов успеале да најдат заеднички јазик на средбата која е најавена за во Софија на почетокот на идниот месец.