Македонија
14. August 2022 - 16:38

Фронтекс: Трипати зголемен бројот на мигранти на балканската рута

Рутата на Западен Балкан останува најатрактивна за бегалците. Претходниов месец имало близу 15.000 нелегални преминувања на границите во овој регион, што е за три пати повеќе од минатата година, покажуваат анализите на Фронтекс. Мигрантите најчесто се од Сирија, Авганистан и Турција, а според Фронтекс Високиот број на илегални гранични преминувања се препишува на повторените обиди на мигрантите да ги поминат границите во овој регион.

Последниве неколку дена и полицијата се почесто наоѓа мигранти на територија на Македонија.

Вчера гостиварец пријавил дека во приколка од каминот слушнал звуци, па полицијата пронашла мигрант од Мароко. Завчера пак полицијата приведе штипјанец бидејќи во неговото возило пронајде 14 мигранти од Сирија, Индија и Пакистан.

Пред неколку дена во валандовско товарно возило со скопски таблички излета од патот, беа пронајдени 49 мигранти од Сирија, а возачот избега од местото.

Според МВР од почетокот на оваа година има зголемен тренд на откривање на криумчарење на мигранти во нашата земја. Предупредуваат дека казните за ова кривично дело се високи, односно од 5 до 8 години. Најголем број на криумчарење на мигранти се случува на јужната граница, каде има поставено и најголемо обезбедување.

Мигрантите кои се пронајдени на наша територија се пренесени во прифатно-транзитниот центар “Винојуг” во Гевгелија.

Податоците на Фрон текс покажуваат дека од почетокот на годинава имало околу 155.000 илегални влезови на бегалци на територија на Европската Унија, што е за 86% повеќе од минатата година. Во овие бројки не се вклучени Украинците, а според последните податоци на Фронтекс, речиси 8 милиони од нив избегале од Украина во ЕУ од почетокот на војната.