Свет
9. јуни 2016 - 9:22

Францускиот Сенат усвои необврзувачка резолуција за олеснување на санкциите против Русија

Францускиот Сенат вчера усвои резолуција, со која повикува за постепено ублажување на режимот на санкциите, воведени од ЕУ против Русија, јави ТАСС. 

За предлогот, кој е со препорачан карактер, 301 сенатор гласаа „за“ 16 беа против, а 17 беа воздржани. 

- Нашите односи со Русија се од фундаментално значење, истакна едниот од авторите на резолуцијата Ив Поцо ди Борго, сенатор од Париз и член на Сојузот на демократите и независните. 

Според него Франција може да биде истовремено гарант на територијален интегритет на Украина, врз основа на Минскиот договор, и да има нормални односи со Русија. 

- Односите со Русија ни се премногу стратешки за да бидат држени бескрајно како заложници на дебатата за санкциите. Тие заслужуваат подобро и треба да имаат проекција подалеку од тоа, посебно во борбата против тероризмот и ситуацијата на Блискиот Исток, објасни сенаторот Симон Сјутур. 

Долниот дом на францускиот парламент, националното собрание, усвои на 28 април исто така необврзувачка резолуција за укинување на европските санкции против Русија.