Македонија
15. January 2021 - 20:00

Формирано здружение за обнова на „Глобал“

Пожарот во трговскиот центар Глобал предизвика милионски штети. Прецизни бројки во моментов се уште нема, но првичните проценки на економските оператори кои стопанисуваат во објектот велат дека штетите предизвикани од огнената стихија ќе се мерат во повеќе милиони евра. За побрза санација и враќање на трговскиот во нормала веќе е формирано и здружение, а отворена е и посебна сметка за донации. Очекуваат поддршка и од бизнис секторот, но и од институциите.

„Пожарот за неколку часа уништи стотици деловни простории, дуќани и тезги како и нивните основни и обртни средства. Штетите се во милиони евра. Здружението Обнова Глобал е формирано со цел обнова и санација на Глобал. Како формално правен субјект ќе се обрати официјално до сите релевантни општински и републички институции, до владата, а преку сите стопански комори и до приватниот сектор и преку вас медиумите до секој кој е солидарен и хуман, преку донации веќе формираната наменска сметка доколку сакаат да помогнат, да уплатат средства кои на нај транспарентен начин ќе се наменат за обнова и санација на трговскиот центар Глобал“,  рече Илија Митревски – здружение Обнова Глобал.

Освен направената материјалната штета, со пожарот во Глобал без работа останаа и неколку стотини граѓани кои беа вработени на пазарот во дуќаните. Додека течат активностите за расчистување на објектот и подготовката за негова санација и обнова продолжува и истрагата. Но за сега обвинителството не соопштува детали за овој случај.