Свет
26. March 2020 - 10:27

Финска/Ковид-19: Хелсинки ќе биде изолиран град за да се спречи пандемијата

Финската премиерка Сана Марин синоќа објави дека главниот град Хелсинки и областа околу него ќе бидат изолирани од остатокот на земјата со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Реонот на главниот град е најголемо жариште на Ковид-19 во Финска.

– Влегувањето и излегувањето од главниот град ќе биде забрането за граѓаните од утре до 19 април, истакна Сана Марин на прес-конференција. Сепак, таа прецизираше дека секој има право да се врати во своите домови.

Во главниот град, каде се регистрирани повеќе од 500 случаи на Ковид-19, живеат 1,7 милиони луѓе, што е еднакво на една третина од населението на земјата. Регистрирани се вкупно 880 случаи во таа држава и тријца починати како резултат на пандемијата.
Во Финска се тестираат само пациенти со висок ризик. Властите велат дека нивниот реален број може да е 30 пати поголем.