Македонија
15. April 2025 - 16:32

Финансиска полиција и ОЈО ја тресат ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп

Финансиската полиција и Јавното обвинителство ја „тресат“ општата болница Прилеп со проширена дејност.

По наредба на Јавното обвинителство, се вршат претреси на осум локации. Неофицијално, претреси во болницата, но и во домови на неколку лица, меѓу кои и поранешна пратеничка, а потоа и економска директорка на болницата. Според наши информации, се проверуваат сомнителни јавни набавки кои биле направени во Јавната здравствена установа.

Но приведени засега нема бидејќи станува збор за предистражна постапка.

-Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази, велат од ОЈО.

Засега нема детали за кои јавни набавки станува збор, ниту во кој временски период биле направени.

Според јавно достапните податоци, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност во Прилеп во последните четири години има склучено 635 договори преку Системот за јавни набавки. Најголем дел од нив се направени лани, во 2024.