Македонија
27. November 2020 - 16:37

Филипче тврди дека пикот поминал, нема потреба од карантин

Пред една недела е достигнат врвот со новозаразени со корона вирус, по што бројот на активни случаи постепено се стабилизира, информираше министерот за здравство врз основа на епидемиолошките анализи. Тој потенцираше дека и наредните 2-3 месеци се очекува лесно намалување на бројката на новоинфицирани, но Филипче не сакаше да прогнозира дали после Нова година можно е да има нов силен бран како што најавија многу држави во регионот.

- Очекувањата ги кажуваме со резерва не знаеме како ќе се однесува вирусот. Очекуваме сосема лесно намалување на бројот на новодијагностицирани, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Поради ваквата состојба не се планира воведување дополнителни мерки како што се полициски час и карантин. Филипче смета дека ограничување на движењето после 21 часот нема да промени ништо, бидејќи и така во тој период е намалена фреквенцијата на улиците. Тој повторнои апелираше граѓаните да ги пшочитуваат сегашните мерки и пред се да не се групираат во домашни услови.