Македонија
17. October 2020 - 16:52

Филипче очекува законските измени да одат по скратена постапка

Од пратениците во Парламентот зависи дали ќе почнат да се спроведуваат мерките за заштита од Ковид-19. Измените во Законот за заштита од заразни билести се во собраниска процедура и ќе се носат по скратена постапка.

-Се изнуди практично таква ситуација да мора да се интервенира во Законот, поради тоа што дел од уредбите и препораките за носењето на заштитна опрема во надворешна средина се ставени во уредбата со законска сила која беше изгласана и донесена на крајот на вонредната состојба. Така што ова е најдобриот начин да имаме една мерка која што ефикасно ќе може и да се контролира и да се спроведува- изјави Венко Филипче, министерот за здравство.

Последните неколку денови има наплив на пациенти скоро во сите Ковид центри во државата. Проблемот со недостиг на лекари инфектолози, интернисти и медицински персонал, се решава со систем на координација и ротација во здравствените институции.

-Наши колеги кои што ги анализираат секојдневните потреби и во договор со Министерството се прави тој систем, во кој што лекарите практично се мобилизирани и можат да работат од едно на друго работно место- додаде Филипче.

Филипче тврди дека ниту една јавна здравствена установа од почетокот на кризата до денес не се соочила со финансиски проблеми, а онаму каде имало зголемен трошок за медицински материјали за третман на пациенти заразени со Ковид-19 им е зголемен и буџетот на болниците.

-Во другите болници, со оглед на тоа што беше намален обемот на другата работа, имаше прераспределба на буџетите, меѓутоа во рамки на секојдневното следење и анализирање на состојбата од страна на Министерството и ФЗО, ниту една институција не беше оставена без потребните финансии - изјави Филипче.

Вакцинацијата против сезонски грип ќе започне кон крајот на месец октомври. Набавени се 40 000 вакцини, кои ќе бидат бесплатни за хронично болните и пациенти за кои лекарите ќе проценат дека треба да бидат вакцинирани.