Македонија
28. December 2016 - 10:29

ФЕИТ со решение за е-здравство за постарите и заболените од ХОББ

Комплетно решение за е-здравство наменето за болни постари лица, лица заболени од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и лица со благи когнитивни нарушувања, презентираше македонскиот тим WIN group од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Преку проектот „eWALL For Active Long Living” (Ewall), финансиран од Европската комисија преку FP7 рамковната програма, е создадено решението кое се базира на сензорска платформа преку која се следат виталните функции на пациентот и амбиенталните параметри во неговиот дом. Во проектот како македонски партнер беше вклучена истражувачката група WINGroup од Факултет за електротехника и информациски технологии при УКИМ под раководство на професор д-р Лилјана Гавриловска.

- Богатиот графички интерфејс овозможува интеракција со системот и ја прикажува анализата на релевантните податоци на најсоодветен начин за пациентот и за неговиот лекар или негувател. Системот овозможува персонализирано следење на состојбата на пациентот и на неговите потреби, беше речено на презентацијата „Примена на ICT во здравство: Аспекти и интелигентни решенија за подобрен живот”.

На презентацијата за примена на информациско комуникациските технологии во здравството присуствуваа претставници на локални клинички центри, телекомуникациски компании, компании од ИКТ секторот и на академската средина. Беше презентиран и генеричкиот концепт и функционалност на Ewall. Членовите на WINGroup изведоа практична демонстрација на решението за увид во функционалностите и потенцијалните можности на Еwall.