Фармерите со порака дека ќе го блокираат Париз: подготвени 15.000 полицајци и оклопни возила
Франција вчера ги засили безбедносните мерки додека фармерите се подготвуваат за собир во Париз како дел од протестите на земјоделските работници ширум земјата кои бараат подобри услови за живот и работа. Земјоделците во Франција, најголемиот земјоделски производител во Европската унија, се жалат на нелојалната пазарна конкуренција од конкурентите од земјите со послаба регулатива.
Во текот на изминатата недела тие поставија блокади за да привлечат внимание на нивната позиција. Тие оштетија и имот, вклучително и канцеларии на локалната самоуправа. Некои синдикати на земјоделците ги повикаа демонстрантите да постават блокади околу главниот град денеска и да се фокусираат на големопродажниот пазар Рунгис во близина на Париз.
„Нашата цел е да го опкружиме Париз“, изјави фармерот Даниел Фошо за телевизијата „BFM“ додека се подготвуваше да отпатува за Париз во конвој возила и трактори. Париската полиција соопшти дека поради тоа ја зголемува безбедноста околу пазарот Рунгис и аеродромот Роаси.
Таа објави и видеа на нејзините социјални мрежи на кои се гледа како оклопни полициски возила заземаат позиции во близина на Рунгис. Министерот за внатрешни работи Џералд Дармин рече дека мерките се наменети да обезбедат тракторите да не влегуваат во Париз, но предупреди на прекин на сообраќајот во регионот Ил-де-Франс, кој ги опфаќа Париз и блиските предградија.
Тој додаде дека околу 15.000 полицајци ќе учествуваат во безбедносната операција. „Сообраќајот утре во Ил де Франс ќе биде многу отежнат“, изјави Дарманин.
„Ние губиме дел од нашиот економски раст како резултат на овие блокади на патиштата“, додаде тој. Француските протести следат по слични демонстрации во други европски земји, вклучително и Германија и Полска, пред изборите за Европскиот парламент во јуни, каде што се очекува екстремната десница, за која земјоделците претставуваат сè поважна гласачка база, да има придобивки.
Водачот на француската крајна десница Марин Ле Пен, противкандидат на претседателот Емануел Макрон на вториот круг од изборите во 2017 и 2022 година, посети некои од демонстрантите во северна Франција. „Мораме да го извлечеме нашето земјоделство од тие договори за слободна трговија“, рече таа.
Владата во петокот се откажа од плановите за постепено намалување на државните субвенции за дизелот што го користат земјоделците и најави дополнителни чекори за олеснување на финансиските и административните притисоци со кои се соочуваат земјоделците.
Ново на Сител
-
Безбедна водата за пиење во Скопје
-
Спроведени 62 вонредни контроли на новогодишни пакетчиња, кај две најдени производи со изминат рок
-
Тошковски: Нема официјална потврда од ниедна соседна земја каде е Груби
-
Приходите на апликацијата Телеграм надминаа милијарда долари во 2024 година
-
Задолжителниот воен рок во Хрватска ќе започне кон средината на следната година
-
19 годишник од беровско во „алфа ромео“ превезувал 10 мигранти
-
Без струја утре делови од општините Сарај и Бутел
-
Џиро д‘ Италија во 2025 ќе стартува од Албанија