Македонија
16. August 2022 - 12:22

Фармерите на истокот од земјата се организираат да го спречат ширењето на африканската свинска чума

Фармерите од истокот на земјата активно се вклучија во спречување на ширење на заразата на африканската свинска чума. На големите одгледувалишта се преземаат превентивни мерки, но проблем има кај помалите одгледувачи, кои чуваат свињи за сопствени потреби.

  • Ние се придржуваме кон тие биосигурносни мерки, дури и ги зголемуваме на некој начин самите. Помалите фарми, тие што чуваат по една –две до 10 мајки, тие дури и немаат биосигурносни мерки, бидејќи ги чуваат дома, во рамки на самите домаќинства и тука е малку проблем за пренесување на болеста. Инаку, на нашите фарми имаме дисбариери, на пристапот гледаме да не се движат други луѓе од страна- изјави Гоце Серафимов, фармер од Штипско

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека до сега во 4-те општини каде е потврдено присуството на вирусот, угинати се 8 свињи, а со мерката за депопулација во дефинираните заштитни зони од 3 километри, нештетно се уништени вкупно 607 свињи. Обештетувањето не е долгорочно решение за опстој на свињогојството, сметаат фармерите.

  • За првите во Делчевско кога се појави и што беа уништени, ги платија по некои реални цени, меѓутоа не е проблем цената, туку ако се уништи фармата, што потоа?- прашува Серафимов

За рестарт на производството потребно е да поминат минимум 6 месеци, а и тогаш нема гаранција дека вирусот нема повторно да се појави. Затоа фармерите бараат поголема контрола од страна на инспекторите врз лицата кои вршат нелегален транспорт на свињи, за кои се сомневаат дека преностители на болеста.