Бизнис
8. April 2024 - 21:10

Фалбите брзи, гасификацијата бавна: Потрошени 156 милиони евра за гасоводи кои уште не се користат

Македонија може да се гасифицира за 2 години“, „До 2020 година Македонија ќе се гасифицира“, „Цела Македонија ќе се гасифицира“ – ова се медиумските наслови кои со години им се сервираат на граѓаните. Дел од нив се стари и 10 години, но од целосна гасификација се уште нема ништо.

Државниот завод за ревизија констатира дека нема долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата.

По градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа, велат ревизорите. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата.

Со ревизијата утврдиле дека и по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив се уште не се ставени во употреба.

Еве нека се направат сите тие гасоводи, како ќе се користат понатаму? Дали до секоја куќа ќе се носи цевка со гас, дали до секоја зграда? Според мене тоа е една варијанта што е погрешна. Најдобро би било гасот да се користи во постројки со комбининарано производство на електрична енергија и топлина“ – Ристо Цицонков, пензиониран професор на Машинскиот факултет

За магистралните гасоводи кои се уште не се доградени или не се пуштени во употреба, од 2014-та до лани, дадени се 156 милиони евра. Само за експропријација, пак, за 4 години се платени речиси 2 милиони евра.

Ревизорите утврдиле и слабости во одржувањето на гасоводната мрежа.

Во извештајот пишува дека има залихи на материјали и резервни делови кои вредат над 1,6 милиони евра. Набавени биле пред 2019-та и не се користат, па постои можност да се застарат и да не се употребуваат, па парите да бидат фрлени за џабе.

Тоа се главно цевки, вентили. Тие се од челик. Во меѓувреме можеби почнале да рѓосуваат и да се оштетуваат“ - пензиониран професор на Машинскиот факултет

Зошто некој би ги набавил ако не се користат?

Па еве има слабости во таа координација и реализација. Тоа што го утврдува и заводот за ревизија“ - пензиониран професор на Машинскиот факултет

Од државниот завод за ревизија велат: „набавени се значајна вредност резервни делови и материјали за завршување на гасоводниот прстен околу градот Скопје, кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи“.

Дополнително, платена била и провизија од речиси 7 милиони евра, како еден вид „казна“ за непотрошени средства од подкредитот на меѓународните финансиски институции за изградба на двете гасоводни делници.