Свет
10. December 2015 - 11:50

„Фајненшл Тајмс“: Европските популистички партии остануваат заглавени во калта

Лондон, 10 декември 2015 (МИА) - По успехот на францускиот екстремно десничарски Национален фронт на регионалните избори во неделата, многумина изразија стравувања дека популистичките партии кои се борат против статусот кво почнуваат да го уриваат политичкиот поредок воспоставен во Европа по 1945 година, оценува британскиот весник „Фајненшл Тајмс“.

Сепак, според лондонскиот весник, ваквиот заклучок изгледа избрзан, доколку се има предвид позицијата на популистичките партии во останатите европски земји.

Во Унгарија и во Полска на власт се конзервативни и националистички популистички партии, чии ставови предизвикаа вознемиреност во Западна Европа, но мора да се има предвид дека овие партии повеќе се дел од политичкиот врв во нивните држави, отколку некакви бунтовници кои сакаат да го урнат воспоставениот систем. 

Што се однесува до западноевропските земји, со исклучок на Франција каде Националниот фронт бележи значителен подем, десните популистички движења во Германија и Велика Британија се во своевиден организациски хаос и немаат јасна основа на која би можеле да се потпрат и да имаат позначајно влијание врз политичкиот живот, оценува весникот.

„Фајненшл Тајмс“ потсетува дека десничарската Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) има само еден пратеник во 650-члениот Долен дом на британскиот Парламент, додека нејзиниот германски пандан, партијата Алтернатива за Германија воопшто и не е застапена во Бундестагот.

Сепак не смее да се занемари фактот дека некои чувствителни теми како што е проблемот со миграцијата, тероризмот и невработеноста и натаму ќе претставуваат ветер во грбот на десните популистички партии во Европа, смета лондонскиот весник.

Од друга страна, според „Фајненшл Тајмс“, левите популистички партии веќе го достигнаа својот максимум и сега се во фаза на пад на популарноста.

Тоа ќе се потврди и на претстојните парламентарни избори во Шпанија на 20 декември. Според анкетите на јавното мислење, левичарската радикална партија Подемос, ужива поддршка на 15 до 16 проценти од гласачите, а за споредба на почетокот на годината нејзиниот рејтинг изнесуваше 27 до 28 отсто, додава весникот.

Во Грција, пак, левата радикална партија Сириза која успеа да дојде на власт врз основа на критиките на плановите за спас на земјата и на строгите мерки за штедење, откако формираше Влада пред помалку од една година, полека почна да ретерира во своите ставови и се согласи на нови мерки за спас.

Сега партијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас се повеќе се позиционира на политичкиот спектар на местото кое до неодамна го заземаше  партијата ПАСОК на династијата Папандреу, заклучува „Фајненшл Тајмс“.