Свет

„Фајненшл тајмс": Демократијата во светот е уназадена

Демократијата во светот е уназадена, пишува новинарот Гидеон Рахман во своја анализа во британскиот весник „Фајненшл тајмс".

Таа состојба, според него, најмногу се должи на неуспехот на Арапската пролет од 2011, што доведе до крвопролевање и анархија. Авторитарните лидери од целиот свет го истакнуваат Блискиот Исток како пример за тоа - какви опасности крие предвремената демократизација, додава тој.

За разлика од 90-те години од минатиот век, кога општеството се воодушевуваше и се вдахновуваше од демократи како Нелсон Мендела од Јужноафриканската Република или Вацлав Хавел од Чехословачка и либерални реформатори како Михаил Горбачов и Борис Елцин во Русија, денешнината е сообразена со духот на автократијата, која најчесто ги исклучува демократските вредности, стои во текстот.

Тоа, според авторот, е олицетворено во лидери како Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, а тој тренд пристигнува и во САД, „лидерот на слободниот свет", со номинацијата на Доналд Трамп за кандидат за претседател.

Во Тајланд во 2014 имаше воен преврат, а во неделата беше закажан референдум за нов устав, што ќе ја зацементира контролата на хунтата врз политиката и целото општество. Во Малезија либералите се во прилично незавидна положба поради интригите на Владата, а опозицискиот лидер Анвар Ибрахим е в затвор. Минатата седмица Кина осуди активисти за заштите на човековите права од градот Тјанцин, а Русија го испрати опозиционерот Евгениј Урлашов на 12-годишна принудна работа поради обвиненија за корупција, кои според авторот, изгледаат монтирани.

- Во контекст на тие мрачни случувања, важно е да се потсетиме дека не сите такви тенденции одат во негативна насока. Годинава во Мјанмар на власт дојде цивилна влада, првпат по половина век, а минатата година во Нигерија првпат се случи претседателот кој ги загуби изборите, мирно да ја отстапи власта, додава Рахман во статијата.

Понекогаш еден или два настани можат многу да променат: Нелсон Мендела беше пуштен од затворот во февруари 1990 горина, три месеца по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Тие два настани инспирираа бројни демократи и либерали во целиот свет, нагласува Рахман.