Свет
3. October 2017 - 9:37

Европската народна партија ги предложи венецуелските опозиционери за наградата „Сахаров“

Најголемата политичка сила во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП) - предложи група венецуелски опозиционери за овогодинешната награда „Сахаров" за слобода на мислата.

За 2017 година за наградата е номинирана демократската опозиција во Венецуела: Националното собрание, застапувано од претседателот Хулио Борхес, и сите политички затвореници - Леополд Лопез, Антонио Ледесма, Даниел Себаљос, Јон Гојкоечеа, Лорент Салех, Алфредо Рамос и Андреа Гонзалес. Тие беа избрани во знак на признание за нивната борба во Венецуела, каде од почетокот на годината беа убиени над 130 опозиционери, а уште над 500 се затворени, се вели во соопштението на ЕПП.

Наградата „За слобода на мислата", која го носи името на Андреј Сахаров, е основана од ЕП во 1988 година во чест на советскиот физичар и добитник на Нобеловата награда за мир за 1975 година, кој беше еден од лидерите на движењето за заштита на човековите права во Советскиот Сојуз. Наградата се доделува на луѓе и организации за заслуги во заштита на човековите права.