Бизнис
8. јуни 2017 - 9:59

ЕУ - Западен Балкан инвестициски форум во Белград

Форум за унапредување на инвестициската клима меѓу ЕУ и Западен Балкан се одржува денеска во Белград во организација на Генералниот директорат за проширување на ЕК. Форумот, како што е најавено, ќе го  отворат европскиот комесар Јоханес Хан, министерот за економија на Албанија Милва Економи и претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска.

Целта на форумот „Еу - Западен Балкан инвестициски форум“ е да ја истакне важноста на координацијата на економските политики за унапредување на економскиот и општествен напредок, во стратегијата на проширување на ЕУ.

На првата панел сесија Хан, Арсовска и Економи заедно ќе дискутираат за структурните реформи потребни за подобрување на инвестициската клима, регионалната економска интеграција, како и приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ.

Лидерите на Западен Балкан креатори на економските политики, инвеститорите на ЕУ, регионалните и локалните бизниси на тематските панел сесии ќе разговараат и за моделите кои водат кон зголемено учеството на приватниот сектор во креирањето и спроведувањето на структурните реформи.  

Конференцијата се одржува две недели по годишниот економски и финансиски дијалог на ЕУ со земјите на Западен Балкан и Турција во Брисел.