Свет
30. October 2020 - 8:50

ЕУ обезбеди 220 милиони евра за прекуграничен превоз на заболени од корона

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во четвртокот објави 220 милиони евра помош за прекуграничен транспорт на луѓе кои страдаат од Ковид-19 со цел да се спречи колапсот на здравствениот систем во најзагрозените членки на ЕУ.

„Комисијата ќе мобилизира 220 милиони евра за прекуграничен трансфер на болни“, рече претседателката на Европската комисија на прес-конференција по виртуелниот самит на лидерите на ЕУ кои разговара за епидемиолошката состојба.

Таа посочи дека состојбата со пандемијата од Ковид-19 е загрижувачка и дека е потребно брзо да се дејствува. „Ширењето на инфекцијата ќе ги преплави нашите здравствени системи ако не постапиме брзо“, рече фон дер Лајен.

Таа истакна четири елементи за успешна борба против пандемијата: споделување најдобри практики, масовно тестирање, апликации за следење на контакти и вакцинации.

Фон дер Лајен кажа и дека Комисијата преговара со четири фармацевтски компании за обезбедување на вакцини против Ковид-19.

Таа додаде дека вакцината, откако ќе се верификува, ќе биде дистрибуирана истовремено до сите земји-членки, во количини во согласност со нивниот удел во вкупното население на Унијата.