Бизнис
9. December 2021 - 16:33

ЕСМ не достави понуда за снабдување со електрична енергија ниту на четвртиот тендер на ЕВН ХОУМ

ЕСМ повторно не достави понуда на тендерот за струја што го објави универзалниот снабдувач, од кого со електрична енергија се снабдуваат речиси сите домаќинства. Според образложението од ЕСМ, причината е од техничка природа.

„Одлуката од Владата на Р. Северна Македоанија во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022г. се однесуваат на 6-месечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12-месечен период. Од тие причини АД ЕСМ денеска не поднесе понуда. АД ЕСМ ќе се јави на следниот повик на Универзалниот снабдувач кој треба да се однесува на периодот јануари-јуни 2022г“, пишува во соопштението од ЕСМ.

Се очекува најдоцна до 14 декември ЕВН Хоум да распише нов тендер за шестмесечен период, на кој ЕСМ конечно ќе даде понуда по која цена ќе ја продава електричната енергија. Според Законот за енергетика, ЕСМ има обврска да обезбеди најмалку 60% од потребните количини за домаќинствата и малите потрошувачи кои не се излезени на слободниот пазар. Сепак, од ЕСМ сметаат дека ќе успеат целосно да ги обезбедат потребните количини и дека нема да има потреба да се увезува поскапа струја.

И покрај неколкукратниот раст во последниот период на цената на струјата на светските берзи, Владата уверува дека нема да има значаен ценовен шок. Според нивните проекции, струјата што ја испорачува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум ќе поскапи за најмногу 10%.

Се поставува прашањето дали во вакви услови ќе остане ефтината тарифа за домаќинствата.