Свет
24. September 2022 - 17:46

Еслами најави средба со Гроси

Директорот на Иранската организација за атомска енергија Мохамед Еслами денеска најави дека следната недела во Виена ќе се сретне со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.     Еслами ќе присуствува на годишната Генерална конференција на МААЕ во Виена што се одржува од 26 до 30 септември. Изјавата на Еслими доаѓа откако МААЕ на 7 септември соопшти дека „не може да гарантира“ дека иранската програма е „исклучиво за мирнодопски цели“.

– Се надевам дека моите разговори ќе стават крај на лажните обвинувања во врска со одредени нуклеарни локации што е можно поскоро, истакна Еслами, осудувајќи го „политичкиот и психолошки притисок“ што се врши врз Иран. Техеран постојано бара затворање на истрагата на МААЕ за овие локации, што Гроси одбива да го направи без „веродостојни“ одговори од Иран.

Иранските власти тврдат дека целосно соработуваат со МААЕ. Тоа е една од пречките во преговорите што почнаа во април 2021 година за рестартирање на Договорот склучен во 2015 година меѓу Иран и големите сили, кој има за цел ограничување на нуклеарната програма во замена за укинување на американските санкции.