Балкан
24. November 2016 - 14:39

ЕП побара времено запирање на преговорите со Турција за членство во ЕУ

Европскиот Парламент денеска со 479 гласа „за“, 37 „против“ и 107 воздржани усвои резолуција со која повикува на замрзнување на преговорите со Турција за членство во ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, во резолуцијата, која нема законодавен карактер, се нагласува дека Турција сепак треба да остане поврзана со ЕУ, како и дека европратениците се обврзуваат да ја преиспитаат својата позиција кога земјата ќе бидат укинати „непропорционалните казнени мерки".

Во документот се посочува дека ЕУ и Европарламентот од претхгодно категорично го осудиле неуспешниот обид за воен преврат во Турција и ја признале законската одговорност на турските власти за поведување под судска одговорност на одговорните и учесниците во овој обид за преврат.

Во неа се наведува дека Турција е важен партнер на ЕУ и дека од Анкара се очекува да ги почитува највисоките стандарди во однос на демократијата, вклучувајќи ги и почитувањето на човековите права, принципите на правната држава, основните слободи и сеоптшто право на праведен судски процес.

Користењето на репресивни мерки од страна на турската Влада во услови на вонредна состојба е несразмерно и ги нарушува основните права и слободи, што се заштитени со турскиот Устав, демократските вредности на кои се темели ЕУ, и му противречат на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, пишува уште во резолуцијата.

- Политичка волја за соработка мора да доаѓа од двете страни на партнерство... Турција не покажува политичка волја и владините мерки само го одложуваат европскиот пат на Турција, се додава во резолуцијата.

Европратениците забележуваат дека по обидот за преврат турските власти привеле 10 члена на Парламентот од опозициската Демократска партија на народите (ХДП), како и околу 150 новинари. Кон бројот на приведени се додаваат и 2.386 судии и обвинители, како и 40. 000 други турски граѓани.

Од досега протераните од служба 129. 000 државни службеници, од должноста привремено се отстранети 66.000 службеници, додека сменети се 63.000, иако против повеќето од нив до овој момент нема покренато обвиненија.

ЕП забележува и дека  турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и турската Влада повеќепати давале изјави за враќање на смртната казна во земјата.

Повторното воведување на смртна казна од страна на турската Влада ќе доведе до формален прекин на преговорите, сметаат европратениците, нагласувајќи дека "недвосмисленото отфрлање на смртната казна е суштински дел од придобивките  на Унијата".

Во документот се наведува дека правната основа на досегашните преговори со Анкара предвидува доколку Турција сериозно и постојано ги нарушува принципите на слободата, демократијата, почитување на правата на човекот, основните слободи и принципи на правната држава, на кои се темели ЕУ, тогаш Европската комисија, по сопствена иницијатива или на барање на 1/3 од државите членки на ЕУ ќе може да препорача запирање на преговорите и да предложи услови за нивно обновување.

Привремениот прекин на преговорите може да доведе до замрзнувае на актуелните преговори, без да се отворат нови поглавја и да се преземат нови иницијативи, се посочува во резолуцијата.

ЕП строго ги осуди несразмерните репресивни мерки преземени во Турција по неуспешниот обид за воен преврат од јули 2016 година; ги потврдува своите обврски за задржување на врската меѓу Турција и ЕУ; ги повикува ЕК и државите од ЕУ да пристапат кон привремено замрзнување на актуелните преговори за приклучување со Турција.

Европскиот парламент е на мислење дека погодното време за почетокот на ваквото преразгледување на состојбата ќе биде во моментот кога ќе се укине вонредната состојба.