ЕП ќе расправа на прва пленарна седница за 2025 година
Првата пленарна сесија на Европскиот парламент оваа година започнува денеска и ќе трае до четврток во Стразбур, при што европратениците ќе разговараат за програмата на шестмесечното полско претседавање со Советот на ЕУ и ќе коментираат голем број прашања од надворешната политика вклучувајќи го и влијанието што се очекува да го има вториот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп врз трансатлантските односи.
На пленарната седница денеска ќе се оценуваат последните случувања во Појасот Газа, прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците кои ги држеше палестинската исламистичка група Хамас, како и итните мерки за ставање крај на хуманитарната криза.
Во вторник, ден по преземањето на функцијата новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, членовите на Европскиот парламент ќе разговараат за можните последици од неговиот втор мандат врз трансатлантските односи. На дебатите ќе учествуваат претставници на полското претседателство со Советот на ЕУ, како и на Европската комисија.
Се очекува консултациите да бидат фокусирани на поддршката за Украина, односите со Русија, Кина, Блискиот Исток, климатските промени и трговијата. Европратениците, исто така, веројатно ќе покренат безбедносни прашања во контекст на постојаните барања на Трамп Европа да троши повеќе за одбраната.
Утре ќе има и пленарна седница на која европратениците ќе ги оценат неодамнешните медиумски извештаи во кои се тврди дека унгарското разузнавање шпионирало европски претставници кои истражувале измами во земјата.
В среда, европратениците ќе се сретнат со полскиот премиер Доналд Туск за да разговараат за програмата на шестмесечното полско претседавање со Советот на ЕУ, кое започна на 1 јануари. Во дискусиите ќе учествува и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Полската влада соопшти дека го презема ротирачкото претседателство „во време на неизвесност и загриженост“ предизвикани од последиците од речиси тригодишната руска војна против Украина, зголемените геополитички тензии, миграцискиот притисок и падот на европската конкурентност. Мотото на полското претседателство е – „Безбедност, Европа!“
В среда, европратениците ќе ги проценат и резултатите од самитот на ЕУ на 19 декември со претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
В четврток, европратениците и претставниците на ЕК ќе разговараат за глобалните правила за крипто средствата, вклучително и начините за обезбедување заштита на инвеститорите, борбата против финансискиот криминал и конкурентноста на ЕУ.
Ново на Сител
-
Над 1.200 лажни дојави за бомби за помалку од три години
-
Тема на денот со Борче Треновски, универзитетски професор по економија
-
Над 240 дојави за бомби во училиштата - сите се лажни
-
Сведокот Трајковски: „Ситроенот“ на снимките ми падна во очи, многу чадеше и бавно возеше
-
Васил Јованов доби 3 години и 10 месеци затвор – неговите родители изразија сочуство
-
Власта ги поднесе интерпелациите за 5 члена на Судскиот совет
-
Тестови за дрога на лице место заострување на казнената политика: Јавна расправа во Собранието по усмртувањето на Фросина
-
СДСМ бара оставка од Попов: Возел пијан, без возачка и предизвикал сообраќајка во која повредил жена