Македонија
27. January 2016 - 14:44

Енергетски ефикасна детската градинка во Македонска Каменица

Со реализацијата на проектот за реконструкција на детската градинка „Бамби“ во Македонска Каменица, објектот ќе штеди до 30 проценти енергија, истакна денеска директорката на детската градинка Весна Јованова.

- Комплетно е завршена реконструкцијата на градинката која опфаќа спуштање на плафоните на градинката, замена на столарија, инсталирање штедливи лед светилки, уредени се ѕидовите, а поставени се и сончеви колектори, рече Јованова.
 
Проектот беше финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Фармахем, како и Општина Македонска Каменица.
 
Градоначалникот Дарко Митевски истакна дека Општината ги помага овие проекти, бидејќи целта е, како што рече,  јавните институции да придонесат во заштедата на енергијата.
 
- Финансиската поддршка на Швајцарската агенција изнесува 700 илјади денари, додека општината од буџетот финансираше 300 илјади денари. Проектот е целосно завршен и се надевам дека сите корисници на услугите во градинката ќе бидат задоволни и ќе ги користат придобивките од оваа реконструкција, рече Митевски.
 
Во детската градинка Бамби згрижени се 150 дечиња.