Македонија
26. September 2022 - 16:36

Енергетската криза носи опасност за поголемо загадување

Енергетската и економската криза зимава дополнително ќе го зголеми загадувањето на воздухот. Ваков е заклучокот на македонската платформа против сиромаштија во раговорите со луѓето кои едвај врзуваат крај со крај. Нивната дилема претстојниот период ќе биде како да преживеат поради високите цени за дрва и струја и ќе бидат принудени да користат непознати извори на затоплување кои многу повеќе загадуваат.

- Оние кои живеат во станови веројатно не можат да направат ништо друго освен да ја зголемат употребата на струја, или евентуално да не се исклучуваат од парното, што дополнително ќе им ги изеде парите и ќе им го наруши комфорот на досегашниот живот. Оние кои и досега користеа дрва или други материјали за греење немаат друга опција и пак останат на тоа, бидејќи тоа е единствениот начин. Ние ќе го дишеме сето тоа што ќе биде испарување од сите оџаци, изјави Билјана Дуковска, претседател на македонската платформа против сиромаштија.

Инаку истражувањето на македонската платформа против сиромаштија покажува дека побогатите повеќе загадуваат и на нив може да се делува за промени кон проеколошко однесување, наспроти семејствата кои месечно преживуваат со помалку од 25.000 денари бидејќи постојано штедат и немаат речиси никаква можност кон намалување на генералното загадување со исклучок на зимските месеци кога во борба да преживеат користат несоответни материјали за затоплување.

Враќање на дневната ефтина тарифа за струја, субвенции за најранлитите семејства, проширување на топлификационата мрежа и јавни кампањи за заштеда на енергија во домаќинствата се дел од препораките на македонската платформа против сиромаштија за справување со загадувањето на воздухот.