Свет
2. December 2017 - 10:40

Експертски консултации меѓу Москва и Брисел за Балканот

Русија и ЕУ вчера во Брисел одржаа нов круг експертски консултации за Балканот и негово проширување, соопшти постојаното руско претставништво во ЕУ.

Руската делегација била предводена од директорот на четвртиот европски оддел при Министерството за надворешни работи во Москва, Александер Боцан-Харченко. Претставници на ЕУ биле шефот на одделот за Западен Балкан на Европската надворешнополитичка служба Едвард Ауер и заменик координаторот на работната група на Советот на ЕУ за проширување, претставникот на естонското Министерство за надворешни работи Аири Алакиви.

Постојаното руско претставништво наведува дека на конструктивен начин биле разгледани многу актуелни теми, поврзани со ситуацијата на Западен Балкан, како и за односите на Русија со земјите од регионот. Исто така, било разговарано и за преговарачкиот процес по нивно присоединивање кон ЕУ.

Постигнат е договор и за следниот круг консултации во втората половина на 2018 година.