Свет
24. March 2016 - 15:43

Експерти: Европските разузнавачки служби немаат доверба едни во други

Службите за безбедност на земјите членки на Европската Унија и натаму ја избегнуваат размената на информации во однос на исламистичките закани затоа што немаат доверба меѓу себе.

Експертот за антитероризам Петер Нојман за германските медиуми тврди дека службите за безбедност поради ниското ниво на доверба не сакаат да разменуваат информации.

-Во ЕУ нема централна база на податоци каде се наоѓаат сите имиња на странски борци, на лицата кои претставуваат закана за јавната безбедност, како и на потенцијални терористи, изјави Нојман за весникот Билд, во кој се посочува дека членките на ЕУ, се уште, не го спроведуваат решението на Европската комисија од минатата година со кое се предвидува зголемување на обемот на размена на информации меѓу безбедносните служби.

Како резултат на ваквата состојба, од 4.500 исламисти кои претставуваат опасност за Европа, само околу 2.000 се дел од Шенгенскиот информативен систем, вели Штефан Мајер експерт за безбедност од ЦДУ/ЦСУ.

Европските членки по 2001 година создадоа таканаречена Група за борба против тероризмот, неформален сојуз на службите за безбедност од 30 земји (ЕУ плус Норвешка и Швајцарија), но до денеска нема соодветна размена на податоци поврзани со исламските радикали.

-Човек да се запраша што уште треба да ни се случи за да почнеме да ги усогласуваме активностите во борбата против тероризмот, прашува Елмар Број претседател на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.

Брок смета дека тероризмот никогаш не може да биде победен ако битката се води на национално ниво без заедничка акција на сите земји членки.

Пред десетина дена во интервју за весникот Билд, македонскиот претседател Горѓе Иванов ги обвини ЕУ и нејзините членки дека не сакаат да соработуваат и да разменуваат податоци за потенцијални терористи и терористички информации поврзани со ИД. Во одговорот на германските власти беше речено дека во рамките на ЕУ и преку Интерпол постојат доволно можности за размена на ваков вид на информации со трети земји како Македонија, што не се членки на ЕУ .