Економијата и пазарот на трудот да ја дефинираат минималната плата
Најавеното проширување на германските инвестиции што според проценките на менаџерите треба да го зголеми бројот на вработени од сегашните 18.000 на 27.000, ќе направи огромни промени на пазарот на труд, смета директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс.
Последици, оценува директорот, ќе има и врз стручниот кадар. Со преминот од актуелната првична фаза, во следните понапредни, производството ќе станува се покомплексно, што неминовно подразбира создавање соодветно квалификувани тимови и персонал, но, и зголемување на платите.
Тенденција на компаниите е да обучат млади луѓе од земјава за работа со високо-напредни технологиии (какви што ќе повлечат новите и проширувањата на постојните инвестиции) за да не се носат луѓе од надвор. Овој процес ќе се спроведе преку системот на дуално образование - комбинирање теорија и пракса што во Германија години наназад дава одлични резултати.
Мартенс во разговор за МИА информира дека две нови германски компании се заинтересирани за инвестирање во Македонија и веќе доставиле прашања и барања до Делегацијата на германското стопанство за можностите и условите. Ги коментира слабостите и предностите на македонската економија, Законот за минимална плата, еднаквиот третман на домашните и странските инвеститори, измените на Законот за пушење,..
Открива дека деловната клима во регионот е особено интересна за вложувања, посебно за компаниите што произведуваат, а воспоставувањето единствен пазар за трговска размена меѓу земјите од Западен Балкан би било, како што вели, идеално за инвеститорите.
За инвеститорите не е важно која политичка партија е на власт, туку многу побитно е да имаат партнери во Владата, дециден е Мартенс. Инвеститорите бараат стабилна клима, предвидлива иднина што ќе им ветува сигурност, да не се менува регулативата нон-стоп и преку ноќ, да може да сметаат на донесените закони и на независното судство, да добијат еднакви услови независно од каде доаѓаат.
- Германските инвеститори не се многу долго во Македонија. Тие почнаа со реализирање на своите инвестиции првично со основно ниво, но нивното производство е многу покомплексно и треба да се искачи на четврто, пето, шесто скалило. Германските инвестиции ќе се зголемат и со тоа, за одредено време, во Македонија ќе бидат формирани кластери задолжени за квалитетот на производството. Со тоа и алката производител- добавувач ќе биде проширена и зголемена. Тоа ќе повлече отворање нови работни места што ќе има последици врз стручниот кадар и ќе направи огромни промени на пазарот на труд во Македонија, објаснува Мартенс.
Инвестициите од автомобилската индустрија силно ја погодија текстилната. Голем број работници од текстилната индустрија преминаа во автомобилската.
- Последните три до пет години, откако се дојдени, германските инвеститори со зголемувањето на инвестициите и меѓусебно си го одземаат кадарот. Тоа особено ќе биде случај со проширувањето на инвестициите што планираат да го прават некои од компаниите, дополнува директорот, нагласувајќи дека ако отидете надвор од главниот град, ќе забележите дека навистина има подготовки за проширување на инвестициите.
Во овој момент, од германските инвестициии (иако се уште не се на многу високо ниво) профитираат многу македонски компании главно од секторите транспорт и логистика, кетеринг, безбедност и осигурување.
- Можеби се уште немаме соработка со фирми кои произведуваат покомплексни технологии, но сигурен сум дека ќе го достигнеме и тоа ниво, потенцира Мартенс.
Со проектот за дуално образование ќе се овозможи младите кои се образовани, да се оспособат сами да ракуваат со машините, да ги одржуваат и поправаат.
- Тоа се машини кои вредат повеќе милиони евра. Нема да има потреба да се носат техничари од странство, туку тука ќе има соодветно образован кадар. Тоа ќе значи придонес за поголем развој. И самите компании, барем некои од нив, сакаат да инвестираат во истражувачки центри, за развој на производството, бизнисот. Сугурен сум дека во иднина и македонските добавувачи ќе имаат поголема соработка со германските и воопшто странските инвеститори, истакнува Мартенс.
Еднаков третман на домашните и странските инвеститори
Ја поздравуваме идејата за изедначување на условите меѓу македонските и странските инвеститори, продолжува директорот. Вели, ако инвеститорите не добијат еднаков третман, станува збор за дискриминација.
- Не сакаме странските во однос на македонските компании, и обратно, да се чувствуваат како конкурентни, односно непријатели, туку напротив. Ако има македонска компанија која инвестира пет, десет, 30 милиони, тогаш се разбира дека треба да ги има сите еднакви шанси што им се дадени на сите странски инвеститори, истакнува Мартенс.
Македонската економија, смета, е прилично слаба. Има многу малку фирми што се во состојба да реализираат големи инвестиции. Токму од овие причини треба да добијат еднаков третман како странските инвеститори и во однос на доночните прашања и во однос на инфраструктурата.
- Она што го променија странските инвеститори кога дојдоа во Македонија е дека првично почнаа да ги реализираат своите вложувања надвор од главниот град, во оние делови каде немаше компании и фабрики. Со тоа помогнаа лица кои долго време не биле вработени, да се вработат. Самото тоа ја менува културата на живеење. Едно е кога човек со години не е вработен, а друго кога има работа и работни навики. Странските инвеститори се и важна алатка во општеството која помага против миграцијата. Секој човек има право да најде работа во својата татковина и да остане да живее таму, дополнува Мартенс.
Многу е важно за странските и домашните инвеститори да имаат доволно кадар.
-Во Романија поради странските инвеститори сега воопшто нема проблем со невработеност, се надевам тоа ниво ќе го достигнеме и тука, во Македонија, нагласува соговорникот.
Ја потенцира и потребата од консултација на компаниите кога се носат нови закони што ги засегаат. Секогаш, напоменува, треба да бидат земени предвид интересите на фирмите. Исклучително значајно е тие да бидат консултирани, комуницирани и прашани, да дадат свои предлози и идеи за подобрување Тука не мислам на лобирање, туку сите страни, партнери да бидат вклучени кога се подготвува нов закон: компаниите кои се работодавачи, работниците, УЈП,.. Сите треба да бидат опфатени, да имаат можност да го кажат својот став во врска со евентуалниот нов закон
Соработка со македонските компании
- Странските инвеститори кои произведуваат во земјите од регионот најчесто имаат многу високи стандарди поради што конкуренцијата на фирмите кои работат како добавувачи е огромна. Независно дали зборуваме за автомобилската индустрија во Македонија, Јужна Африка или Тајланд, конкуренцијата во овој сектор е многу голема. И не само тоа. Многу се важни и националните одредби за трговија и царинските одредби. Ако македонска компанија треба да произведе некој дел за германска компанија, треба одредени компоненти да увезе од странство. Потоа, компанијата што го купува тој дел (германската компанија во случајов) е обврзана да исполнува одредени квоти за земјата на потекло. Сето ова е многу комплексно, за да се исполнат сите услови што ги бараат клиентите од странските инвеститори, објаснува Мартенс.
Во овој контекст сугерира и воспоставување единечен пазар за трговска размена во регионот, вид производна алка која би покрила цел циклус - една компанија да произведува врати, друга каросерија, трета кабли, четврта седишта,...
- За да не отиде некоја инвестиција од една земја во друга, добро би било да се овозможи вработување кадри од другата страна на границата, лица од две различни држави. Ако, на пример, се отвори фабрика во Албанија, а недостигаат кадри, да може да се вработуваат лица од Македонија кои живеат близу граничниот премин. Ако пак се отвори фабрика во Македонија, лица од Косово да се вработат тука. Во Европа овој пазар на труд функционира и е чест пример кога се инвестира меѓу две држави, во близина на две држави. Добро е тоа што персоналот е мобилен и флексибилен. Така би требало да е и тука. Но, за да може сето тоа да функционира, треба да се усогласат законските рамки за давачки, даноци,... Да има закони кои ќе важат за сите држави од Западен Балкан,..., предочува директорот.
За ваквиот предлог се разговарало на неодамнешниот состанок во Трст.
- Засега нема конкретни договори, но тоа треба да ни биде целта. Пред да биде во ЕУ, овој пазар во регионот треба да функционира, а законите и договорите да бидат усогласени. Како пазар Македонија е многу мала, исто така и во однос на куповната моќ, како и од аспект на кадар. Затоа регинот треба да се гледа како целосен пазар. Само така ќе може да биде конкурентен, вели Мартенс.
Во Македонија има 170 германски компании од кои 20 се занимаваат со производство, а вработуваат околу 15.000 - 18.000 лица со можност, поради предвиденото проширување на инвестициите, бројката да се зголеми на 25.000 - 27.000 лица. Фокусот на германските компании е автомобилската индустрија.
На Мартенс, засега, како што рече,не му е познато дека некоја германска компанија - инвеститор сака да ја напушти Македонија, посебно не од автомобилската иундустрија.
Минимална плата
Економијата и пазарот на трудот се тие што треба да ја диктираат минималната плата, подвлекува директорот на Делегацијата на германското стопанство.
-Законски не можете да кажете дека пет или шест пати ќе биде минималната плата поголема од сегашната и да очекувате нови инвестиции. Правилно е да се има праведен третман и кон работодавачите (компаниите) и кон работниците. Ако сакаме да го зголемиме бројот на новоотоворени работни места, од 18.000 да достигнеме 27.000 како што е планирано со проширувањето на дел од германските инвестиции, тогаш компаниите ќе мора да ги зголемат платите. За тоа не им е потребен закон зашто ќе се отворат покомплексни работни места, особено во центрите за истражување и развој на нови производи. Покомплексно ќе биде производството. Сметам дека економијата е таа што треба да ја диктира минималната плата, објаснува Мартенс.
Според него, се поставува прашањето, дали компаниите се поконкурентни со исплатата на минималната плата. Уште еднаш нагласува дека со проширување на инвестициите во Македонија, ќе се зголемуваат и платите.
- Треба да се има предвид и дека компаниите им даваат пакети на вработените, не само плата. Вработените добиваат транспорт кој ги носи до работното местото, здравстено и пензиски се осигурани, имаат топол оброк секој ден, дел од компаниите имаат и градинки за децата на вработените,..., посочува Мартенс.
Платите во Македонија се конкурентни и може да се споредат со платите што германските инвеститори ги давале во Кина пред 25 години.
- На времето, пред 25 - 30 години, кога германските компании беа заинтерсирани да инвестираат на пазарот во Кина, имаше два клучни фактора: реформите во стопанската политика на Кина и големината на пазарот. И трето, трошоците за производство беа доста ниски. Ако се погледне од оваа перспектива, 25 години подоцна, имаме стабилна средна класа во Кина. Но, пазарот во Кина е 600 пати поголем од македонскиот. Македонија не може да го зголеми својот пазар за 600 пати, но е дел од Европа и тука инвеститорите се соочуваат со европска култура што е огромна предност, предочува Мартенс.
Предности и слабости на деловната клима
Последната анкета на Делегацијата на германското стопанство покажа дека сите германски инвеститори во Македонија повторно би ги реализирале своите инвестиции тука. Според нив, генерално, деловната клима е добра, но има и фактори кои негативно влијаат. Тоа се корупцијата и стопанскиот криминал.
- Во Македонија на економски план има уште поростор за подобрување на некои работи. Но, најважно е да се земат предвид интересите на компаниите, и на странските и на домашните, тие да се третираат еднакво. Исто така, не е секогаш добро постојано да се прават реформи и промени. Понекогаш се потребни, но треба точно да се препознае каде треба да се направат. Во еден сектор што е успешен и функционира, а не се правени реформи 20 години, не значи дека нешто не е добро, напротив, покажува, дека првичните реформи биле одлични и со нив може да се остане на врвот, вели Мартенс, алудирајќи на два случаја во Германија.
Мора да се знае, додава, дека компаниите што работат или инвестираат тука, како и во секоја друга држава, се големи работодавци, планираат долгорочно, прават планови за идните 10 до 15 години, потпишуваат договори.
Германските компании во Македонија се задоволни од соработката со новата Влада, го ценат нејзиниот отворен пристап.- Компаниите ја чувствуваат и препознаваат соработката. Едноставно им се допаѓаат формата, настапот и отвореноста на новата Влада и ги ценат. Периодот пред да биде формирана оваа Влада, имаше навистина скептична ситуација за сите. Често имавме прашања од Германија, што точно се случува во земјата, нагласува Мартенс.
За крај на разговорот, директорот на Делегацијата на германското стопанство неформално ги прокоментира и измените на Законот за пушење, нагласувајќи дека со нив Македонија практично се враќа чекор назад од нејзиниот пат кон ЕУ.
- Со измените на Законот за пушење Македонија која сака да се приближи кон ЕУ, ќе се оддалечи и оди чекор наназад. Дозволеното пушење насекаде е штетно за здравјето, посебно кога се присутни деца или трудници. Замислете, одите во некој бар или ресторан и сите околу вас пушат. Независно што сте непушач, во таква ситуација практично станувате пасивен пушач. Во Западна Европа секаде има зони за непушачи, се внимава многу на сите што не пушат. Лично не се чувствувам пријатно во простории во кои се пуши, не сакам да мирисам на пепелник, истакна Патрик Мартенс.
Мирјана Чакарова/МИА
Ново на Сител
-
ЕСМ набави струја за 2 недели - ќе плати 10,2 милиони евра
-
Утре почнува амандманската расправа за буџетот
-
Новиот ескпресен пат Крива Паланка - Страцин ќе биде готов до Нова година
-
Наместо да подготвуваат испити, во Пелагонија студентите подготвуваат тенџериња со топла вода
-
Поради недостиг на нафта немаше автобуси викендов, но и денеска на постојките се чека по еден час
-
Станковиќ: Новиот буџет ќе го развие земјоделството
-
Меѓународен ден на студентите
-
Се намалува старосната граница на дијабетичари