Македонија
13. September 2021 - 16:50

ДЗС уверува дека пописот тече без проблем

Речиси 420.000 граѓани се попишале досега. Само вчера попишувачите пребројале нешто над 118.000 граѓани. Бројка, која според Државниот завод за статистика е очекуван со оглед на тоа што вчера беше викенд. Од ДЗС уверуваат дека денеска на терен немало технички проблеми, ниту со апликацијата, ниту со интернетот.

За најавите за бојкот на пописот, од ДЗС велат дека засега бројот на луѓе кои одбиваат да се попишат не е алармантен.

-За бројка не можам да зборувам зашто ние се уште го сметаме тој проблем за неалармантен и не го тротираме ниту како проблем. Тоа воопшто не е честа појава. Немаме никаква алармантни пријавувања да е нешто што би требало да не загрижува. Јавено ни е дека во некои општини цело згради и сите врати се облепени со налепници „Не отворам врата“, меѓутоа, нашите попишувачи ѕвонат и граѓаните ги примаат, вели портпаролката на ДЗС, Јасмина Ѓоргиева

Политичките партии со различни видувања за тоа што се случува на терен. Левица обвинува за пропусти во операцијата и вели, граѓаните давале силен отпор. За ДУИ граѓаните отворале врата без никаков проблем и ги повикуваат оние кои во моментот не се во земјава да се самопопишат.

-Народот не само што не отвора врата туку и на клоци ги бркаат попишувачите. Посебно во руралните средини отпорот е многу силен. 4 дена апликацијата не им работеше воопшто, а моментално ја буткаат со огромни проблеми. Покажува погрешни податоци, паѓа цело време и дури и дневни извештаи не добиваат како што треба. По наши информации нешто блиску двесте илјади имаат попишано за 8 дена и тоа со големи грешки, а тоа е премалку, напиша пратеникот Борислав Крмов на социјалните мрежи.

-За првпат дијаспората се попишува користејќи ја опцијата за електронско попишување. Попишувањето на дијаспората продолжува  без никаков прекин. Ги повикуваме сите оние кои досега не се попишале да го направат тоа во овој период. Сите граѓани на нашата држава ќе се попишуваат, ќе се избројат и ќе бидат дел од вкупниот број на населението на нашата држава, вели Агим Нухиу од ДУИ.

Во меѓувреме, Македонската правослана црква – Охридска архиепископија ги повика сите православни христијани при пописот во делот на религиозна припадност да се изјаснат како православни христијани.

-Православен христијанин  е јасна и недвосмислена идентитеска определба на сите кои ѝ припаѓаат на Светата Православна Црква. Истовремено ваквото изјаснување на македонските граѓани е и остварување на основните верски слободи  и права во македонското општество, велат од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

Пописот почна на 5 септември и во почетокот имаше низа проблеми со апликацијата поради што повеќе пати имаше прекин на операцијата.