Македонија
24. March 2021 - 16:43

ДЗС не гледа причина за одложување на пописот

И 20 смртни случаи, повеќе од 1000 заразени секој ден и нула вакцини за надлежните не е доволна причина пописот да биде одложен за на есен. Премиерот смета дека нема простор за тоа бидејќи никој не знае дека во септември нема да има уште еден бран на корона вирусот. За Заев е прифатливо да се одложат постапките една до две недели доколку се случи цела пописна комисија да биде заразена.

Идентичен став има и првиот човек на Дражвниот завод за статистика. Според него, сите луѓе мора да одат во продавница за да купат јадење, а штом мора да го направат тоа, тогаш мора и да се попишат.

Според опозицијата пописот е политичка операција која треба да ја продолжи кариерата на премиерот Заев.

„Пописот кој што СДСМ, Владата и Заев насилно го туркаат среде епидемија е гаранција за епидемиска бомба која ќе ги чини граѓаните здравје и илјадници загубени животи. СДСМ треба да се охрабри и да прифати одложување на пописот, бидејќи тоа е единственото разумно решение Попис во држава која е во моментот трета по смртност во светот и во последните 5 по вакцинација е геноцид.“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е една од ретките земји во светот и единствената која нема ниту една вакцина а не се откажува од пописната процедура. На почетокот на неделава соседна Србија која е европски лидер во вакцинација реши да го одложи пописот ценејќи дека целата постапка е огромен ризик за граѓаните.

Во меѓувреме тече пописот на дијаспората а бројот на попишани се доближи до 140.000.