Џет-Сет
22. December 2016 - 11:28

Џејмс Тејлор откажа концерт поради бруталноста на режимот на Дутерте

Американскиот пејач Џејмс Тејлор, добитник на неколку Греми награди, рече дека го откажал концертот во Манила во знак на протест поради вонсудската егзекуција во кампањата против дрога на филипинскиот претседател,Родриго Дутерте.

- Мојата музика не е поврзана со политиката, но понекогаш бара преземање на некој политички став, рече Тејлор и додде дека има разбирање за казнувањето шверцери на дрога по пат на законот, но не и за произволна и вонсудска егзекуција на осомничени шверцери.

Дутерте, адвокат по професија, дојде на власт кон крајот на јуни после предизборната кампања во која вети дека ќе се пресмета со десетици илјади криминалци на Филипините, така што ќе ги убие и дека ќе го игнорира Парламентот.

Се проценува дека од доаѓањето на Дутерте на власт се убиени околу 5.300 луѓе во рамките на кампањата против дрогата.

Тејлор (68) стана познат во 70-тите години со хитовите Fire and Rain и  You've Got A Friend. Музичарот во неколку наврати рече дека се лекувал од хероинска зависност пред да биде познат.

Пејачот требаше да одржи концерт на 25 февруари во Манила.